Зошто сите досегашни состави на Одборот за акредитација, особено составите во последната деценија, како и министрите за образование, не го согледаа или не го отворија прашањето на очигледната исклучивост која постои во високото образование во нашата држава, Прашањето не е реторичко. Тоа оди во сржта на проблемот со квалитетот.
Во Република Македонија со години се зборува за реформи, стандарди и европски практики. Сепак, одредени недоследности остануваат непроменети. Една од нив најјасно се гледа во односот кон правото на отворање на студии по правни науки.
Во ист образовен систем во кој три приватни универзитети веќе организираат студии од областа на денталната медицина, дисциплина што директно се однесува на здравјето на граѓаните и подразбира високи стандарди на настава и практична обука, отворањето на студии по правни науки, во последниве години практично стана недостижно, речиси „научна фантастика“.
Особено загрижува фактот што, иако не постои експлицитна законска забрана за организирање на вакви студии, во практика тие се соочуваат со премолчени, но очигледни ограничувања за отворање нови приватнн факултети за правни науки.
За волја на вистината, некои од првите приватни универзитети во државата (Европскиот универзитет, Американ колеџ, ФОН универзитетот и Меѓународниот славјански универзитет) добија акредитација за студии по правни науки. Меѓутоа, по тој почетен период, како да се создаде непишано правило дека отворањето нови правни факултети не е пожелно, ниту остварливо.
Причините за ваквата состојба никогаш не беа јавно и транспарентно образложени. Во отсуство на официјално објаснување, се појавуваат различни толкувања, меѓу кои и тезата дека станува збор за заштита на постојните капацитети, односно за нечија или нечии лични проценки дека нема потреба од дополнителен кадар во областа на правните науки, како и наводи за страв од евентуално намалување на квалитетот на студиите.
Оттука се поставува суштинското прашање: врз која правна и стручна основа се темелат овие ограничувања?
Ако се појде од основната логика на системот, тогаш дилемата е едноставна. Ако е можно да се контролира квалитетот на наставата во области поврзани со здравјето, зошто тоа не би било можно и во правото?
Правото веќе функционира во систем со двостепен, па и тростепен филтер. Дипломата сама по себе не е доволна, таа претставува само почетен чекор во академскиот и професионалниот развој, по кој следуваат дополнителни форми на евалуација, како и надградба. По завршувањето на додипломските студии, постои можност за понатамошна академска надградба преку постдипломски и докторски студии, секако доколку се исполнуваат законските услови за упис. Истовремено, постои и професионален филтер: полагање на државен, односно правосуден испит. За вршење на правосудни функции следува дополнителна селекција и доедукација преку Академијата за судии и јавни обвинители, што претставува уште едно ниво на проверка на знаењето и компетенциите и доостручување.
Во таков систем, во кој постојат повеќеслојни механизми за проверка и селекција, се поставува логично прашање: дали ограничувањето на пристапот до нови студии по правни науки навистина придонесува за унапредување на постојниот квалитет, или само ја заменува суштинската евалуација со претходна селекција без јасно утврдени критериуми и рамноправен третман?
Со други зборови, зошто е потребна ваквата рестриктивност во областа на правните науки, ако системот веќе предвидува механизми за проверка на квалитетот на знаењето по завршување на студиите? Ако тие механизми се доволно силни, тогаш ова премолчено ограничување на давање дозвола за функционирање на приватен правен факултет губи смисла. Ако не се, тогаш проблемот не е во факултетите, туку во самите механизми за селекција.
Квалитетот на образованието, меѓу другото и кај правните науки, не зависи од тоа дали институцијата е државна или приватна. Тој зависи од наставата, од кадарот, од критериумите и од реалната евалуација на резултатите. Кога овие елементи изостануваат, ниту државниот статус не гарантира квалитет. Кога постојат, приватниот статус не е пречка, ниту пак вишок во системот. Оттука, ограничувањето на правните студии не претставува заштита на квалитетот, туку израз на недоверба во сопствените механизми за контрола на високото образование.
Сакам да потсетам дека во глобални рамки, некои од најреномираните правни факултети функционираат во рамки на приватни универзитети, како што се Harvard Law School, Yale Law School и Stanford Law School. Овие институции се синоним за академска извонредност, што дополнително потврдува дека квалитетот не зависи од сопственоста, туку од стандардите и нивната доследна примена.
Оваа констатирана (за мене) нелогичност води и кон моето второ прашање. Како функционира системот на акредитација? Во рамки на високото образование постојат повеќе тела, меѓу кои Одборот за акредитација, Одборот за евалуација и Националниот совет за високото образование и научно-истражувачката дејност, како и Министерството за образование и наука, со својата надзорна и политичка улога. Формално, тоа упатува на повеќеслојна контрола. Но суштината не е во бројот на институции, туку во квалитетот и доследноста на нивното одлучување што очигледно изостанува.
Овие две прашања и проблеми ме потсетуваат да искоментирам уште една карактеристична ситуација и законско решение. Имено во составот на Одборот за акредитација учествува и еден член од редот на студентите, избран со тајно гласање од Интеруниверзитетската конференција, кој има право на глас за одлуки што се однесуваат на студии од прв, втор и трет циклус (додипломски, постдипломски и докторски студии).
Иако учеството на студентите е важно од аспект на транспарентност и вклученост, нивната улога во оценување на наставни програми сепак останува сериозно дискутабилна од аспект на потребната експертиза на претставникот на студентите. Оценувањето на наставни програми, а особено на постдипломски и докторски студии, подразбира познавање не само на научните стандарди, туку и на кадровските капацитети, како и на компатибилноста и меѓусебната усогласеност на студиските програми и наставните предмети, нивната логичка поврзаност и академска кохерентност. Станува збор за прашања кои значително го надминуваат непосредното студентско искуство.
Оттука, прашањето не е дали студентот треба да биде присутен, туку дали неговото учество со право на глас во сите видови одлуки, без оглед на нивната комплексност, е соодветно на природата на тие одлуки и на нивото на потребната академска и институционална експертиза.
На крајот, ако се поврзат овие линии, исклучивите ограничувања во правото, недоволната тежина на институциите што треба да обезбедат рамноправност и недоволно прецизираниот начин на одлучување, се добива јасна слика за еден дел од проблемите.
Во овој случај не е проблемот во бројот на факултети, ниту во нивната сопственост. Проблемот е во тоа што системот не воспоставува јасни и доследни критериуми што важат подеднакво за сите. Во такви услови, реформите лесно се сведуваат на парцијални решенија и привремени експерименти, наместо на суштински и одржливи промени.
Оттука, заклучокот е едноставен: квалитетот не се штити со исклучоци, туку со стандарди. А стандардите имаат вистинска вредност само кога се применуваат доследно кога важат за сите без исклучок и без разлика на тоа кој е носител на образовната дејност.
Јас не сум поборник за неконтролирано зголемување на бројот на факултети. Не сум за отворање факултети или универзитети по секоја цена. Но, ако се исполнети законските услови и академските стандарди, тогаш нема оправдана причина да не се доделуваат акредитации за нови студии по правни и други науки на субјекти што имаат поднесено барања и кои досега функционираат законски и успешно како универзитети, вклучително и од приватниот сектор.
Ова се само еден мал дел од моите лични забелешки и принципиелности за подобро и поквалитетно функционирање на високото образование. Намерата не е критика, туку укажување на недоследности што со години се провлекуваат и кои директно го кочат подигнувањето на квалитетот на високото образование.
Со оглед на тоа што е во тек процесот на донесување нов закон за високо образование, останува да се види дали овие, како и многу други добронамерни забелешки искажани од стручната фела, ќе најдат свое место во неговите конечни решенија. Очекувањето е дека тие ќе придонесат кон појасни и поконзистентни системски решенија.
Д-р Јове Кекеновски












