понеделник, 4 мај 2026

Бугарските европратеници во акција против извештајот на Томас Вајц за Македонија

Преку извештајот на Томас Вајц, Скопјe сака да го заобиколи вториот протокол од Договорот за добрососедство од 2017 година, кој е дел од преговарачката рамка. Извештајот е необврзувачки, но сепак има морална обврска. А медиумите, и вие, и во Република Северна Македонија, со месеци ќе зборувате за ова сѐ додека не се заборави и не дојде наредната година. Ова, за бугарската агенција БГНЕС го изјави европратеникот на Бугарија Андреј Ковачев пред неговата средба со претседателката на Бугарија Јотова, организирана по повод „скандалозните предлози на Томас Вајц во извештајот за напредокот на Северна Македонија“.

Бугарски европратеници

Објавено на

часот

Сподели

Ковачев тврди дека извештајот на Томас Вајц, известувачот на Европскиот парламент за Македонија, нема некое големо значење и не може да го промени компромисот од 2022 година. Сепак, тој призна дека токму поради политичката и моралната тежина на ваквите текстови, Софија поднесува десетици амандмани, а Македонија серизоно лобира.

Ковачев смета дека Македонија се обидува да покаже дека во Европскиот парламент има различно мислење и дека некој сака да го промени вториот протокол, кој е дел од преговарачката рамка.

„Македонија се обидува да ја отвори дилемата дали вториот протокол е дел од преговарачката рамка. Тоа е едно. Второто е да се наметнат некои обврски во овој извештај на земјите-членки за спроведување на пресудите од Стразбур, што воопшто нема место во еден извештај за напредокот на земја-кандидат. Овие извештаи не се законодавни. Тие не создаваат никаква обврска, ниту за Советот ни за Комисијата“, смета Ковачев кој додаде дека извештаите на Европскиот парламент се необврзувачки.

„Христијан Мицкоски и Тимчо Муцунски го трошат драгоценото време на сопствените граѓани. Тие мора да го исполнат она што го презедоа како обврска – Република Северна Македонија да ги вклучи Бугарите во сите делови од Уставот, каде што се наведени деловите од народите, да почне преговори, да ги исполни своите договори од преговарачката рамка и да работи во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија“, рече Ковачев.

Тој потсетува дека во Извештајот на Европскиот парламент се поставува и прашањето до правната служба на Европскиот совет дали овој втор протокол е дел од преговарачката рамка.

Минатиот месец бугарските европратеници во писмо испратено до известувачот Томас Вајц оценија дека во неговиот извештај за Македонија се предлага преиспитување на некои договорени работи што е неприфатливо. Бугарските европратеници предупредуваат дека секое заобиколување на веќе постигнатите европски компромиси би претставувало сериозен ризик за довербата во процесот на пристапување.

„Доколку едногласно договорените европски компромиси би можеле политички да ослабнат, заобиколат или повторно да се преговараат преку јазикот на парламентарните извештаи, ова би претставувало сериозна закана за интегритетот, предвидливоста и институционалниот кредибилитет на самиот процес на пристапување во ЕУ и би испратило длабоко загрижувачки сигнал и до земјите-членки и до земјите-кандидатки за безбедноста на сопствените обврски на Унијата“, се наведува во писмото.

Бугарските претставници бараат овие нивни забелешки да бидат соодветно одразени во конечните компромисни текстови за кои ќе се гласа во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ