четврток, 25 јуни 2026

„Уживате на јахти наместо зад решетки“ – жестока пресметка меѓу Мицкоски и Филипче

Во македонското Собрание денес на седницата за пратенички прашања имаше остра дебата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Додека опозицијата ја обвинува Владата за неисполнети ветувања и економска стагнација по две години мандат, премиерот возвраќа со критики за системската неказнивост и корупцијата на претходната власт, најавувајќи правна разрешница. Во собранието одекна и пораката на Мицкоски до Филипче: „Кога граѓаните ќе ве видат зад решетки, тогаш ќе веруваат дека правдата дошла“.

Објавено на

часот

Сподели

Откако Филипче упати бројни обвинувања од собраниската говорница дека премиерот Мицкоски ги измамил граѓаните со изборните ветувања и не направил ништо, првиот човек на Владата жестоко одговори дека единствената вина му е што Филипче „сè уште не е во затвор“. Премиерот Мицкоски додаде дека „нема повеќе да уживаат поранешни функционери додека граѓаните чекаат да ги апси“.

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Филипче, на почетокот од своето пратеничко прашање упати бројни критики до премиерот Мицкоски, затоа што по две години власт, нема исполнето ниту едно од ветувањата дадени пред граѓаните. Според него, загубени се две години во текот на кои актуелната Влада не исполнила ни 10 проценти од ветувањата во изборната програма.

„Кога баравте власт и кога ги молевте граѓаните да ви дадат доверба, ветувавте сè и сешто. Ветувавте повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените, повеќе странски инвестиции, помал буџетски дефицит, умерено задолжување, поддршка на земјоделците, иднина за младите, правда, реформи и европски напредок. И во вашата програма „1198“ и во вашето експозе, тука кога ја формиравте Владата, едноставно ветувавте мед и млеко. И сега помина половина од мандатот. Две години. А денес вистината е сурова. Ниту едно од овие ветувања не испорачавте. Граѓаните не добија подобар живот, не добија повисок стандард, не добија функционални институции, не добија правда и не добија европска иднина“, истакна Филипче.

Тој потенцираше дека наместо ветениот напредок, граѓаните добиле поскап живот, партизација и корупција.

„Што добија граѓаните? Поскап живот, празни паричници, празни фрижидери, презадолжена држава, партизирани институции, тендери, лаги и изолација.  Буквално ништо нема за младите во земјата. Секој трет човек планира да ја напушти државата. Не затоа што не ја сака Македонија туку затоа што не гледа можност да живее тука и да напредува. Двегодишниот биланс на Владата може да се сумира со една бројка: нула. Една голема нула. Нула за реформи, нула за зголемување на платите, нула за мерки за младите, нула за поддршка на земјоделците, нула за европскиот пат. И сега моето прашање е просто: Кој е крив за овие неисполнети ветувања? Кој е крив, премиере, за овие две изгубени години? Ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека не исполнивте ништо од овие ветувања? И немојте повторно да барате виновник. Немојте јас да сум виновник или СДСМ“,, порача Филипче.

На ова следуваше одговор од премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека ја признава вината, но за нешто друго. Тој му порача на Филипче дека причината поради која граѓаните планираат да ја напуштат Македонија не е недостигот на перспектива, туку недовербата во правдата и во институциите. Односно во тоа што ги гледаат токму Филипче и поранешните функционери од СДСМ како уживаат на Харис Џиновиќ во Дубаи и на јахти наместо да се најдат зад решетки и да одговараат.

„Велите, секој трет човек планира да ја напушти Македонија, но знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи, како уживате на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат како уживаат таму поранешни функционери на јахти, а не се во затвор и да дадат одговор зошто се таму. Е затоа се разочарани луѓето, кога ќе видат како се смеете зад решетки, тогаш ќе бидат среќни и задоволни затоа што дошла правдата“, нагласи премиерот Мицкоски.

Тој најави дека македонските граѓани нема веќе да се разочаруваат поради ова.

„И последно, тука ќе завршам. Јас признавам дека сум виновен тоа што поминаа две години, а вие уште уживате на јахтите во Паљури наместо на друго место. Признавам дека сум виновен. Но, исто така, ве гледам в очи и ви ветувам дека нема повеќе да ги разочаруваме македонските граѓани како уживаат поранешни функционери на јахти и во мелосот на Харис Џиновиќ. Ете тоа е желбата на народот“, нагласи македонскиот премиер.

Ваквиот став на премиерот предизвика реакција кај Венко Филипче, кој во својата реплика рече дека премиерот Мицкоски има „опсесија да слика голи поранешни функционери“.

„Оваа ваша опсесија со поранешни функционери, кои плаќате да ги сликаат голи на плажа, јас веќе не можам да ја разберам. Очигледно дека е во сферата на некоја невропсихологија“, рече Филипче.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ