„Посетата траела од 20 јуни до 1 јули 1966 година. Во тој период, францускиот лидер престојувал во Москва, потоа во Ленинград (денешен Санкт Петербург), Киев, Волгоград, Новосибирск, како и на космодромот Бајконур“, потсети таа.
Како што истакна Захарова, по преговорите со раководството на СССР, во тој период биле постигнати многу значајни договори во областите на трговијата, економската, научната и техничката соработка, како и во областа на проучувањето и освојувањето на вселената за мирни цели.
„На редовна основа почнала да заседава меѓувладина комисија. Меѓусебната трговија почнала стабилно да расте, контактите во сите области се интензивирале. Неколку месеци подоцна бил потпишан договор за воспоставување директна линија на комуникација меѓу Кремљ и Елисејската палата. Усвоената заедничка декларација ги утврди принципите за развој на билатералните односи „во атмосфера на ублажување на тензиите меѓу сите земји од Западот и Истокот“, што би „овозможило зближување и согласување меѓу нив“, прецизираше руската функционерка.
Денес односите на Русија со Франција и Европската Унија, подвлече Захарова, минуваат низ најтешката криза.
„Тие (односите) се во состојба дури не на „студена“ војна, туку на „хибридна“ војна, почната од „колективниот Запад“ против Русија. Сегашниот француски претседател Емануел Макрон, кој во голема мера носи лична одговорност за ќорсокакот во кој се наоѓаат сега руско-француските односи, и неговиот тим го изгубија чувството за реалност и си дозволуваат отворено да разговараат за подготовки за воен конфликт со нашата земја“, нагласи таа.
Размислувајќи за генезата на оваа криза, мора да се признае дека таа е последица на фактот дека денешните француски владејачки елити ги заборавиле, па дури и ги отфрлиле принципите и наследството на надворешната политика на Шарл де Гол, истакна руската дипломатка.
„Добро е познато колку високо генералот ги ценел своите доверливи односи со Москва, воспоставени за време на Втората светска војна и кои на крајот ѝ овозможиле на Франција да го добие своето заслужено, достоинствено и легитимно место меѓу победничките сили, како и да добие постојано место во Советот за безбедност на ООН“, продолжи Захарова.
Според неа, тој сфаќал дека рамноправната соработка на Франција со СССР нема алтернатива и дека е потребно да се почитуваат фундаменталните безбедносни интереси на Москва.
„На 20 јуни 1966 година, за време на состанокот со генералниот секретар Леонид Брежњев, генералот Де Гол нагласи: „Русија е во секој поглед најмоќната сила во регионот во кој се наоѓа. За Франција, таа е соговорник со кого меѓусебното разбирање и соработка отсекогаш биле сосема природни. Оваа политичка и човечка реалност, стара колку и нашите земји, произлегува од нивната историја и географија“, го цитираше Захарова поранешниот француски претседател.






