Групата „Пет очи“, составена од Соединетите Американски Држави, Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд, ги повика владите и корпоративните лидери да „дејствуваат сега“ за да ја зајакнат одбраната од софистицирани сајбер закани.
„Се очекува најнапредните модели на вештачка интелигенција да ги надминат моменталните очекувања на индустријата, фундаментално трансформирајќи ги и офанзивните и дефанзивните сајбер способности. Временската рамка не се години, туку месеци“, се наведува групата разузнавачки агенции во соопштението од три страници објавено во понеделникот.
„Променливиот пејзаж на вештачката интелигенција брзо го трансформира сајбер ризикот и ние мора да дејствуваме брзо за да останеме еден чекор понапред“, се наведува во соопштението.
Реткиот повик за акција следува откако администрацијата на Доналд Трамп му нареди на гигантот за вештачка интелигенција Антропик да ја запре употребата на своите најнапредни модели за странски државјани и укажува на растечката вознемиреност во западните земји во врска со новите можности на технологијата.
Приближно во исто време, американската агенција за сајбер одбрана ЦИСА – која беше меѓу потписниците на изјавата објавена во понеделникот – ги скрати роковите што им беа наметнати на владините претставници за отстранување на сериозни дигитални слабости во нивните мрежи на три дена, наведувајќи ги заканите од вештачката интелигенција, објави Ројтерс.
Истражувачите и раководителите на вештачката интелигенција изразија разни загрижености во врска со безбедноста на напредната технологија, а лидерите на групата „Пет очи“ ја опишуваат како технологија што може да ги намали „бариерите за злонамерните актери и да ја зголеми брзината и сложеноста на нападите“.
Експертите за вештачка интелигенција велат дека пораката е „навистина остра“ и може да има загрижувачки последици не само за владите и корпорациите, туку и за малите и средните претпријатија низ целиот свет.
„Она што со тоа се порачува е дека во ерата на вештачката интелигенција ќе има пробиви. Не е прашање дали тоа ќе се случи, туку кога, па затоа е важно да се подготвиме сега“, изјави за Си-ен-ен Оливија Шен, директорка на Програмата за стратегиски технологии во Центарот за американски студии на Универзитетот во Сиднеј.
Директивата на американската администрација против моделите Митос 5 и Фејбл 5 на Антропик беше една од најдалекусежните мерки преземени од која било влада како одговор на напредните можности на моделите за вештачка интелигенција.
Моделот Митос предизвика широка загриженост во областа на сајбер безбедноста бидејќи компанијата изјави дека е исклучително вешта во пронаоѓањето безбедносни слабости. Меѓутоа, Антропик наведе дека верува оти американската влада „дознала“ за методот на „џеилбрејк“ на неговиот јавен модел Фејбл, односно заобиколување на нејзините внатрешни безбедносни огради.
„Навистина клучната лекција од ова е дека можностите на вештачката интелигенција се развиваат неверојатно брзо“, вели Шен, додавајќи дека додека вниманието на светот во моментов е насочено кон Антропик, некој друг би можел да го произведе следниот суперспособен модел.
Кинеските модели на вештачка интелигенција заостануваат зад водечките американски модели само за неколку месеци, пишува списанието Форин аферс, додавајќи дека кинеските компании како Дипсик, Муншот и Минимакс всушност се потпираат на американски модели, користејќи ги за обука на сопствените модели со значително пониски трошоци.
Антропик, ОпенАИ и Гугл открија и пријавија странски конкуренти кои спроведуваат обемни обиди за извлекување информации од американските модели, кршејќи ги условите за користење на тие модели.
Кинеските компании го компензираат ограничениот пристап до напредни чипови за вештачка интелигенција – кој е ограничен од контролите на извозот на САД – со копирање на достигнувањата на американските фирми кои поседуваат најмоќни и најнапредни чипови, истакнува Форин аферс.
Лидерите на „Пет очи“ истакнуваат дека за да се справат со заканите, компаниите и лидерите треба да инвестираат во сајбер одбрана, да ги модернизираат наследените системи или да го поправаат расипаниот софтвер и да го ограничат пристапот до критичните системи.
Иако противниците користат вештачка интелигенција за „да дејствуваат побрзо и поефикасно“, тоа е исто така дел од решението, додаваат тие. „Организациите кои интегрираат алатки за вештачка интелигенција во нивните безбедносни операции можат порано да детектираат слабости, да го подобрат квалитетот на софтверот, да го следат необичното однесување и побрзо да реагираат на инциденти“, соопшти безбедносниот сојуз.
Шен верува дека постои „огромен јаз“ во одбраната на многу влади и компании.
„Софистицираните компании, обично големи корпорации, веќе инвестираат во сајбер безбедност и ќе бидат подобро подготвени“, кажа таа. „Поизложени се ќе бидат малите и средните претпријатија кои можеби досега инвестирале премалку, па затоа всушност ќе бидат како неподвижни мети“.
Моделите на вештачка интелигенција напредуваат со молскавична брзина, а независните проценки покажаа дека некои модели сега достигнуваат експертски нивоа на сајбер способности. Се чини дека тоа темпо ги доведе законодавците кои се обидуваат да воведат заштитни огради во речиси изгубена битка.
Десетици истражувачи на сајбер безбедност, претприемачи за вештачка интелигенција и корпоративни директори потпишаа отворено писмо овој месец, повикувајќи ја администрацијата на Трамп да се посвети на „отворен, научен и транспарентен процес на проценка на ризикот од вештачка интелигенција“ и наведувајќи дека е „од клучно значење“ безбедносните тимови „да ги пронајдат и поправат недостатоците во сопствениот ново напишан, како и децениски стариот наследен код побрзо од нивните противници“.
Шен призна дека станува збор за „балансирање по јаже“, но рече дека се потребни некои „основни правила“.
„Знаеме дека овие технологии можат да се користат и за одбранбени и за офанзивни цели и ни требаат уште неколку заштитни огради за тоа како можеме да ги максимизираме придобивките од одбранбената сајбер безбедност, а воедно да ги држиме подалеку од потенцијалните сајбер противници, измамници и сајбер криминалци“, кажа таа.
Вештачката интелигенција ќе донесе уште подалекусежни промени во војувањето. Иако САД се дом на водечките светски компании за вештачка интелигенција, напредокот во таа област дополнително ќе го забрза слабеењето на американската воена технолошка супериорност. Вашингтон е преокупиран со наводната „трка за вештачка интелигенција“ помеѓу САД и Кина, но моменталната состојба повеќе укажува на приближна технолошка рамнотежа отколку на јасна американска предност.






