Ждрепката за првото коло на третиот Грен слем во сезоната е закажана за 11:00 часот, а македонската тенисерка за првпат ќе се најде меѓу учесничките во главниот дел на најпрестижниот тениски турнир.
Ѓорческа до историскиот успех стигна преку квалификациите, каде во последното коло ја совлада Лусија Бронцети и стана првата македонска тенисерка што изборила пласман во главниот турнир на Вимблдон.
По ждрепката ќе биде познато против кого Ѓорческа ќе го одигра својот дебитантски меч на славната лондонска трева, каде ќе има можност да испише уште една страница во историјата на македонскиот тенис.






