вторник, 5 мај 2026
Интервју

Фатих Шашбаз, директор на Халкбанк: Зеленото кредитирање е еден од нашите најдинамични сегменти

За Халкбанк зеленото банкарство е повеќе од деловна политика, тоа е визија за иднината. Иднина во која економскиот раст оди рака под рака со грижата за природата и со создавање подобри услови за генерациите што доаѓаат, вели генералниот директор на Халкбанк, Фатих Шахбаз во интервју за МКД.мк.

Објавено на

часот

Сподели

Халкбанк веќе подолг период се позиционира како еко-ориентирана компанија која активно ја поддржува зелената транзиција. Колку оваа определба е дел од долгорочната стратегија на банката и што значи „зелено банкарство“ во пракса за Халкбанк?

– Нашата определба да се посветиме на зелената транзиција не е краткорочен тренд, туку јасна и долгорочна стратешка насока што ја следиме веќе подолг период. Денес, зеленото банкарство е составен дел од развојот на современиот финансиски сектор. Банкарската индустрија глобално сè повеќе ја препознава својата улога во поддршката на одржливиот економски раст, енергетската транзиција и справувањето со климатските предизвици. Како модерна и одговорна банка, Халкбанк навремено го препозна тој правец и активно се приклучи на овие глобални процеси.

За нас, оваа определба значи дека успехот на една банка денес не се мери само преку финансиските резултати, туку и преку придонесот што го дава кон заедницата, економијата и животната средина. Затоа зелената агенда е интегрирана во нашето стратешко планирање, во развојот на производите, во начинот на работење и во корпоративната култура.

Кога зборуваме за „зелено банкарство“ во пракса, пред сè мислиме на финансиска поддршка за проекти што носат долгорочна вредност, инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, еколошки технологии, модернизација на производствени процеси и одржливи решенија за компаниите. Истовремено, нудиме можности и за граѓаните што сакаат да инвестираат во поекономични и енергетски ефикасни домови, соларни системи и слично.

Но, зеленото банкарство не се сведува само на кредитни производи. Тоа подразбира и одговорно управување со сопствените ресурси. Во Халкбанк постојано вложуваме во дигитализација на услугите, намалување на употребата на хартија, оптимизација на процесите, унапредување на енергетската ефикасност и создавање навики кај вработените што придонесуваат за поздрава животна средина.

Покрај тоа, како општествено одговорна институција, реализираме и поддржуваме бројни зелени акции, како што се пошумување, еколошки иницијативи, едукација на младите и активности за подигање на јавната свест. Веруваме дека банките имаат моќ не само да финансираат, туку и да инспирираат позитивни промени.

За Халкбанк зеленото банкарство е повеќе од деловна политика, тоа е визија за иднината. Иднина во која економскиот раст оди рака под рака со грижата за природата и со создавање подобри услови за генерациите што доаѓаат.

Халкбанк беше меѓу првите банки на пазарот што посветија сериозно внимание на зеленото финансирање. Што беше клучниот мотив да влезете рано во оваа област и да препознаете дека одржливите инвестиции ќе бидат важен сегмент од иднината?

– Клучниот мотив Халкбанк рано да влезе во областа на зеленото финансирање беше нашето уверување дека одржливоста ќе стане еден од најважните двигатели на економскиот развој во иднина. Уште пред оваа тема да стане широко актуелна, беше јасно дека светот се движи кон нов економски модел во кој енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, одговорното користење на ресурсите и намалувањето на емисиите ќе имаат сè поголемо значење.

Како банка што секогаш настојува да размислува долгорочно, сметавме дека е важно навреме да ги препознаеме тие промени и да им понудиме поддршка на нашите клиенти уште во раната фаза на транзицијата. Нашата цел беше да не чекаме трендовите да дојдат, туку активно да бидеме дел од нивното создавање на домашниот пазар.

Од друга страна, видовме и конкретна потреба кај компаниите и граѓаните. Многу бизниси сакаа да инвестираат во модернизација, намалување на трошоците за енергија и подобрување на конкурентноста, а сè повеќе граѓани бараа решенија за поекономични домови и поодржлив начин на живот. Банката имаше можност да биде партнер во тие процеси преку соодветни финансиски производи и советодавна поддршка.

Зеленото финансирање го препознавме и како одговорна деловна одлука. Инвестициите во одржливи проекти носат долгорочна вредност, за клиентите, за економијата и за општеството во целина. Тие придонесуваат за пониски трошоци, поголема ефикасност, нови работни места и почиста животна средина.

Дополнително, како дел од современиот банкарски сектор, сметавме дека наша обврска е да ги следиме европските и светските стандарди во делот на ESG принципите и одржливото финансирање. Денес тие принципи се составен дел од работењето на водечките финансиски институции, а ние сакавме Халкбанк да биде меѓу оние што поставуваат стандарди и кај нас.

Колку денес клиентите, и компаниите и граѓаните, се заинтересирани за зелени финансиски производи? Дали забележувате зголемена свест кај клиентите кога станува збор за енергетска ефикасност и одржливи инвестиции?

– Интересот за зелени финансиски производи денес е значително поголем во споредба со периодот од пред неколку години, и тоа е јасен показател дека свеста кај компаниите и кај граѓаните континуирано расте. Сè повеќе клиенти препознаваат дека инвестициите во енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и одржливи решенија не се само еколошки одговорен избор, туку и економски исплатлива одлука на долг рок.

Кај компаниите, интересот најчесто е насочен кон модернизација на производните капацитети, намалување на потрошувачката на енергија, поставување фотоволтаични системи и зголемување на конкурентноста преку поефикасно работење. Кај граѓаните, пак, сè почести се барањата за инвестиции во енергетски ефикасни домови, изолација, замена на системи за греење и ладење, соларни решенија и слично.

Овој тренд е видлив и преку официјалните податоци на Народна банка кои покажуваат дека, на пример на крајот на 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период претходната година изнесувал 8,5 проценти. Дополнително, во споредба со крајот на 2019 година зелените кредити се зголемени дури четирикратно.

Овие бројки јасно покажуваат дека зеленото финансирање е сè поважен дел од финансискиот систем. За нас во Халкбанк тоа е дополнителна потврда дека сме ја препознале вистинската насока навреме и дека треба уште поинтензивно да продолжиме да развиваме производи што ќе им помогнат на клиентите да инвестираат во поодржлива иднина.

Каква е состојбата во Халкбанк во делот на зеленото кредитирање, колкав е интересот кај клиентите и какви финансиски решенија нуди банката за поддршка на одржливи инвестиции?

– Зеленото кредитирање би рекол дека е еден од најдинамичните сегменти во нашето работење. Преку систематски пристап кон финансирање на обновливите извори на енергија, активно придонесуваме кон создавање стабилен, еколошки и конкурентен енергетски систем, усогласен со европските стандарди и националните цели за декарбонизација.

Заклучно со 31 декември 2025 година, вкупната вредност на инвестициите во проекти за обновливи извори на енергија финансирани со поддршка од Халкбанк изнесува 253 милиони евра. Овие инвестиции опфаќаат ветерни, хидро и соларни електрани реализирани преку проектно финансирање, што претставува еден од најсофистицираните модели за поддршка на големи инфраструктурни енергетски проекти, кој бара високо ниво на експертиза, детална проценка на ризици и силно партнерство меѓу банката и инвеститорот.

Проектите во обновливите извори на енергија поддржани од Халкбанк заклучно со 2025 година располагаат со вкупна инсталирана моќност од 279 мегавати, што претставува значаен удел во националниот енергетски капацитет од обновливи извори. Само во текот на 2025 година, овие централи вкупно произведоа повеќе од 336.000 мегават-часови електрична енергија, обезбедувајќи сигурно, чисто и одржливо снабдување за илјадници домаќинства и компании низ земјата.

Овие резултати директно придонесуваат кон намалување на зависноста од фосилни горива, зголемување на енергетската независност и намалување на емисиите на стакленички гасови, што е особено важно во денешниот глобален контекст.

Покрај поддршката на големи енергетски проекти, Халкбанк нуди и финансиски решенија за компании и граѓани кои сакаат да инвестираат во енергетска ефикасност, соларни системи, модернизација на објекти, еко технологии и одржливи решенија за секојдневното работење и живеење. Нашата цел е зеленото финансирање да биде достапно за сите, од големи инвеститори до индивидуални корисници.

Халкбанк веќе долги години е препознатлива по еколошки акции и општествено одговорни иницијативи насочени кон заштита на природата и поттикнување здрави животни навики. Имате и посебна „зелена“ платформа. Колку е важно една банка, покрај финансиската улога, активно да инвестира и во проекти што создаваат поздрава и поодржлива заедница?

– Апсолутно веруваме дека улогата на една современа банка денес е многу поширока од класичните финансиски услуги. Банката треба да биде активен партнер на заедницата и двигател на позитивни промени, особено кога станува збор за здрави животни навики, заштита на природата и подигнување на еколошката свест. Токму затоа Халкбанк веќе долги години континуирано инвестира во вакви иницијативи, како дел од својата корпоративна култура и општествена одговорност.

Навистина сме горди што во јавноста и во заедницата сме препознаени како еко ориентирана банка, а слободно можам да кажам  дека сме и првата зелена банка во државата. Нашите активности започнаа со апликацијата ХалкЕко, која уште од самиот почеток донесе една нова и иновативна димензија, преку пешачење, трчање и возење велосипед граѓаните да се мотивираат да се движат повеќе, а истовремено да придонесуваат за животната средина. Потоа се одлучивме апликацијата да прерасна во целосна платформа во рамките на која со годни реализираме бројни проекти насочени кон здрав животен стил и заштита на природата. Би рекол дека ХалкЕко денес повеќе од корпоративен проект, тоа е интегрирана стратегија што ги обединува сите напори на банката за заштита на животната средина и создавање одржлива иднина.

Во рамките на платформата реализиравме многубројни проекти што директно го подобруваат урбаниот простор и квалитетот на живеење. Беа реновирани мостовите во новиот дел од Градски парк во Скопје, беа уредени зелени корнери во ТЦ Лептокарија во Скопје и во Гостивар, во општините Аеродром и Карпош ги изработивме првите зелени покриви на автобуски постројки, во Крушево беше реновиран мост и друго. Организиравме и многубројни акции на садење нови дрвја, во учулушни дворови, градинки и други урбани средини, на опожарени површини и голини, се со цел да го збогатиме зеленилото. Со овие акции досега засадивме над 150.000 садници низ државата.

Секако, значаен дел од платформата се и бројните спортски настани, трки, рекреативни активности и кампањи за физичка активност, каде како спонзор, покровител или организатор се јавува токму ХалкЕко платформата на Халкбанк. На тој начин ги поврзуваме здравите животни навики со општествената одговорност и создаваме заедница што живее активно и размислува одржливо.

За нас, ваквите иницијативи се исклучително важни затоа што веруваме дека банките денес не треба само да обезбедуваат финансиски услуги, туку и да бидат двигатели на позитивни промени во општеството. Кога ќе вложувате во луѓето, во природата и во подобар јавен простор, тогаш инвестирате во иднината.

Најголема иницијативи на Халкбанк секако е акцијата „Еден милион садници за 5 години. Какви резултати дава оваа акција досега и каква порака сакате да испратите преку вакви проекти?

– Акцијата „Еден милион садници за 5 години“ е една од најзначајните и најамбициозни еколошки иницијативи што Халкбанк ја реализира во земјава, која ја започнавме во партнерство со ЈП Национални шуми на крајот на 2024 година. Зад неа стои јасна визија, долгорочно да се придонесе за поздрава животна средина, обновување на шумскиот фонд и подобар квалитет на воздухот.

Во изминатиот период веќе беа реализирани повеќе акции на терен, како на пример големата акција за пошумување во Делчево, на површините на „HalkForest“ во Малешевијата, каде беа засадени багремови садници.

Оваа година ја започнавме со пролетно пошумување на 80 хектари површина, со вкупно 215.000 садници од различни видови дрвја, како црн бор, багрем, јасен, јавор и други, внимателно избрани согласно почвените, климатските и хидрографските услови на секоја локација. Планираните локации за пошумување за оваа сезона се подрачјата на Струмица, Делчево, Скопје, Кичево и Гостивар. А во текот на годината, ќе се реализираат и дополнителни акции за зголемување на годишната бројка на Халк садници.

Инаку, она што ја прави оваа акција посебна е што не станува збор за еднократен настан, туку за системска и долгорочна програма. Наместо симболични активности, се создава реален еколошки импакт, повеќе шуми, намалена ерозија, подобрен биодиверзитет и директен придонес во борбата против климатските промени.

За нас, оваа иницијатива носи и силна порака: дека компаниите можат и треба да бидат дел од решението за најголемите општествени предизвици. Кога приватниот сектор, институциите и граѓаните работат заедно, можат да се постигнат резултати што траат со децении.

Какви се плановите на Халкбанк во следниот период во делот на зелената агенда? Дали може да очекуваме нови производи, партнерства или инвестиции поврзани со одржливоста?

– Нашите планови се зелената агенда на Халкбанк да продолжи уште поинтензивно да се развива, како во делот на финансирањето, така и во делот на општествено одговорните иницијативи и сопственото корпоративно работење.

Во делот на финансиските производи, ќе продолжиме да креираме и унапредуваме решенија што ќе им помогнат на компаниите и граѓаните полесно да инвестираат во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, модернизација на објекти, зелени технологии и одржлив транспорт. Нашата цел е зеленото финансирање да стане уште подостапно, поедноставно и попривлечно за што поголем број клиенти.

Посебен фокус ќе ставиме и на поддршка на големи инфраструктурни проекти во секторот на обновливата енергија, каде што веќе имаме значајно искуство и резултати. Северна Македонија има сериозен потенцијал во соларната, ветерната и хидроенергијата, а ние сакаме да останеме силен партнер во реализацијата на тие инвестиции.

Истовремено, ќе продолжиме да ја развиваме платформата ХалкЕко и иницијативите што промовираат здрав животен стил, физичка активност и грижа за природата. Ќе има нови кампањи, спортски настани, акции за пошумување и активности што ги вклучуваат граѓаните директно во создавање позитивни промени.

Накратко, нашата амбиција е Халкбанк и понатаму да биде лидер во одржливото банкарство, институција што не само што ги следи трендовите, туку активно ги создава. Веруваме дека иднината им припаѓа на одговорните компании, а ние сакаме да бидеме меѓу нив.

Р.Е.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ