„Сакаме да нагласиме дека евентуалното усвојување на таа одлука би било надвор од надлежноста на Министерството за одбрана и би барало договор на највисоко државно ниво“, се наведува во одговорот на црногорското министерство на прашањето на Радио и телевизија на Црна Гора.
Се истакнува дека Црна Гора ги гледа Соединетите Американски Држави како важен стратегиски партнер и сојузник во рамките на НАТО, со кои развива суштинска и заемно корисна соработка, особено во областа на одбраната, во согласност со сопствените национални интереси и приоритети.
„Таа соработка се заснова на принципите на меѓусебно почитување, сојузништво и одговорен придонес кон колективната безбедност, што е потврдено со неодамна договорениот Технички договор со Командата на американските сили во Европа и Африка, кој се однесува на обезбедување поддршка на земјата домаќин, но исклучиво во областа на воената обука и вежби“, се вели во соопштението.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте на самитот на Европската политичка заедница во Ерменија изјави дека членки на тој воен пакт, како Црна Гора, Хрватска, Романија, Португалија, Грција, Италија, Британија, Франција и Германија, ги спроведуваат барањата за користење на бази и друга логистичка поддршка за Соединетите Американски Држави.






