среда, 6 мај 2026

Со реформирање на паричната помош може драстично да се намали детската сиромаштија, вели министерот Лимани

Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНИЦЕФ денеска одржаа дискусија на високо ниво насловена како „Инвестирање во децата – унапредување на човечкиот капитал, вработувањето на жените и инклузивниот раст“. На анализата на УНИЦЕФ се вели дека и покрај реформите во социјалната заштита, скоро една третина од децата во Македонија, околу 120.000 деца остануваат во ризик од сиромаштија, стапка што е значително повисока од националниот просек. Ризикот од сиромаштија, како што се посочува, е особено висок кај децата што растат во големи семејства, во домаќинства со еден родител и во ромски заедници, при што речиси секое второ дете живее под прагот на сиромаштија.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за социјална политика, демографија и млади, фатмир Лимани нагласи дека фактот дека речиси секое трето дете живее во ризик од сиромаштија покажува, како што рече, дека системот не ги постигнува очекуваните резултати. Потенцира дека потребна е нова генерација реформи на детските додатоци со подобар опфат, поадекватна поддршка, ориентација кон детето но и подобро поврзување на социјалната заштита со пазарот на труд.

„Ова не е само прашање на недоволни буџетски ресурси, туку и на дизајнот на паричните права нивниот опфат, висината и пристапноста на информациите за оние на кои им е потребна поддршка. Денес сме во фаза кога е потребен следниот, похрабар исчекор. Клучната поента е јасна: Потребна е нова генерација реформи на детските додатоци со подобар опфат, поадекватна поддршка, ориентација кон детето но и подобро поврзување на социјалната заштита со пазарот на труд. Затоа денешната анализа ја гледаме како основа за суштинска реформа. Еден од моделите што се разгледуваат е воведување универзален додаток за секое дете, со докажани ефекти врз намалување на сиромаштијата и подобрување на состојбите на пазарот на труд. Паралелно, се разгледува и проширување на опфатот и висината на постојните детски додатоци. Нашата цел е јасна: да воспоставиме по инклузивен, поефикасен систем на детски парични додатоци, ориентиран кон најдобрите интереси на детето, кој истовремено ќе создава поттик, а не пречка, за формално вработување“, рече Лимани.

Наш фокус, како што потенцира министерот, е идентификување на најсоодветни реформски опции, нивно фазно воведување и обезбедување долгорочна одржливост.

„Ќе се водиме од јасен принцип: секоја мерка мора да придонесе за реално подобрување на животот на децата и семејствата“, рече Лимани.

Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија потенцира дека демографската отпорност значи создавање услови во кои семејствата имаат можност да подигаат деца со сигурност, достоинство и верба во иднината.

„Сигурните и предвидливи детски додатоци се клучен дел од решението, помагајќи им на семејствата да се справат со економските притисоци, да ја спречат сиромаштијата и да ги заштитат вложувањата во растот и развојот на децата – темел на идната работна сила во земјата и на долгорочниот човечки капитал“, рече Милер.

Анализата нуди две опции за реформа засновани на докази, универзален детски додаток, кој би обезбедил основна финансиска поддршка за сите деца, со дополнителен надомест за оние што живеат во сиромаштија, во поголеми семејства, или деца кои се вклучени во образование и зајакнат пристап врз основа на проверка на приходите, со кој ќе се зголемат бенефициите, ќе се прошири можноста за квалификување и ќе се укинат ограничувањата за максималниот број деца што ќе се поддржат во едно домаќинство. И двете опции покажуваат потенцијал за намалување на детската сиромаштија до 6 процентни поени, во рамките на разумни фискални импликации.

Учесниците на денешниот настан истакнаа дека детската сиромаштија не се однесува само на ограничен приход, таа ги засега и исхраната, здравствената заштита, образованието и вкупниот развој на децата. Ваквите предизвици, како што посочија, може да доведат до понизок образовен успех и полоши економски перспективи подоцна во животот, создавајќи меѓугенерациски циклус на сиромаштија. Исто така, потенцираа дека високите стапки на сиромаштија може да ја ослабнат демографската отпорност, бидејќи семејствата може да го одложат или да го избегнат раѓањето деца, жените може да бидат оттурнати од пазарот на трудот, а младите може да мигрираат на друго место за подобри можности.

Државниот секретар на министерството, Фатмир Сабриу истакна дека во наредниот период ќе продолжат со внимателна анализа на предложените опции, со цел да се идентификуваат решенија кои се: вистински ефективни во намалување на сиромаштијата, правични во однос на различните категории семејства и одржливи од фискален аспект.

„Притоа, процесот ќе биде отворен и инклузивен. Денешниот настан го третираме како почеток на подлабок и сеопфатен дијалог и соработка со сите релевантни чинители во насока на подобрување на системот на парични додатоци релевантни за децата и семејствата со деца“, нагласи Сабриу.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ