сабота, 4 јули 2026

Мицкоски: По две години успеваме да го консолидираме и земјоделството

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по две години Владата успева да го консолидира и секторот земјоделство во кој, рече, наследила катастрофална состојба во која земјоделците не можеле да си ги наводнуваат посевите и не ги добивале субвенциите.

Објавено на

часот

Сподели

„Во секторот земјоделство наследивме буквално катастрофа од претходната влада. Акумулациите беа доведени под биолошки минимум, на 8 проценти, денеска се на 80 проценти, и тоа во јули кога е речиси при крај сезоната за наводнување. За земјоделците беше предизвик да добиваат вода за да ги наводнуваат своите посеви, а сега имаме комплетно обезбедени можности за наводнување во Овчеполието, од Калиманци, преку Кочанско Поле, Штипско Поле па се до Лозово. Во Пелагонија, исто така, преку Стрежево, преку Тиквеш во Тиквешко Поле, долу во Струмичко Поле, исто така. Така што првпат по многу години успеваме да обезбедиме нешто коешто претходната влада не успеваше да го обезбеди“, рече Мицкоски одговорајќи на новинарски прашање денеска при посетата на општина Бутел.

Во АД „Водостопанство“ и претпријатието „Национални шуми“ не биле исплатени по три плати и дека тоа сега е завршено, рече премиерот.

„Субвенции исплаќавме заостанати од 2020 година па наваму, сега ги исплаќаме за 2025. Тоа што ќе се обезбеди сега со ребелансот на буџетот ќе биде исплатено за земјоделците што произведуваат жито и житни култури, млекопроизводителите, мислам дека се обезбедени околу 1,2 милијарда. Така што полека но сигурно од следната година ќе го фатиме чекорот година за година“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека само во првите месеци од 2024 биле исплатени преку 4  милијарди денари, а вкупно се исплатени повеќе од 15-16 милијарди денари.

„Така што, онаа катаклизма што ја наследивме од претходниот министер, којшто се пробуваше во неколку ресори и за кој знам дека има и кривични постапки за злоупотреба, и ја остави на оваа влада, но фала му на Бога успеавме и таму колку-толку да ги консолидираме работите“, додаде претседателот на Владата.

Тој рече дека продолжуваат разговорите и со претставниците на трговските синџири кај кои се утврдени неоправдано зголемени маржи, но засега не би сакал да спомнува имиња.

„Не би сакал јас сега да спомнувам имиња. Тоа коешто мислам да го кажам, ќе го кажам во четири очи. Во принцип, за овие работи не сакам да правам естрада. Дискутирам отворено, директно, во четири очи. Сакам и од таа страна да ги слушнам аргументите и да ги презентираме нашите наоди“, рече премиерот.

Вчера Мицкоски од касарната „Илинден“ рече дека во одредени маркети нотирано е зголемување на бруто маржата споредена со минатата година од 2 до 5 проценти и дека трговците ќе бидат повикани на состанок и јасно ќе им се каже дека тоа е недозволиво.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ