сабота, 4 јули 2026

И натаму нема договор за Изборниот законик

Координаторите на пратеничките партии и по денешниот состанок во Собранието не успеаја да се договорат околу измените во Изборниот законик. ВМРО-ДПМНЕ предлага дијаспората да гласа по пошта или електронски, а ова за СДСМ е целосно неприфатливо. Денеска премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ги прифаќаат сите предлози на опозицијата за измени во Изборниот законик, но не отстапува од нивниот предлог за правото на глас на дијаспората. 13.500 амандмани на СДСМ и Левица се на дневен ред во собраниските тела.

Објавено на

часот

Сподели

СДСМ смета дека граѓаните кои не живеат во Македонија мора да гласаат во дипломатските или конзуларни претставништва на Македонија.

СДСМ денеска соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ се плаши од изборниот резултат и затоа очајнички посегнуваат по изборен грабеж преку неконтролирано електронско гласање на дијаспората и директно ја нарушуваат еднаквоста и сигурноста на изборниот процес. „Свесни дека губат гласови и поддршка кај граѓаните, сега се обидуваат изгубените гласови во државата да ги надоместат преку систем без доволни механизми за контрола, проверка и гаранција за тајноста на гласањето. Затоа ВМРО насилно и на шверцерски начин се обидува да го протурка електронското гласање на дијаспората, иако треба да почне да се применува дури во 2029 година“, се вели во соопштението на СДСМ.

За Левица нема сомневања дека блокадата на измените во Изборниот законик се всушност договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои всушност сакаат избори според постоечкиот Изборен законик. „Триесет години ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги кројат правилата на игра за да им одговара нив. Затоа и сега електронското гласање на дијаспората беше заговор кој ВМРО-ДПМНЕ им го даде на СДСМ за да го оправда нивното блокирање“, изјави денеска Амар Мециновиќ, пратеник од Левица.

Венко Филипче, претседателот на СДСМ вели дека тие не прифаќаат различно гласање на граѓаните во дијаспората од тие кои живеат во земјата.

Останува рокот до 15 јули партиите сепак да се договорат околу измените во Изборниот законик. До тогаш Македонија треба да извести за постигнатите реформски проекти од реформската агенда.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ