На изложбата беа претставени 17 дела кои ја демонстрираа моќта на инклузијата низ бои и форми. Оваа специфична синергија помеѓу атлетите, банкарските професионалци и младите уметници покажа дека креативноста е универзален јазик кој ги премостува сите разлики.
„Оваа изложба уште еднаш докажа дека кога ќе им се даде простор, нашите атлети не познаваат граници. Тие се шампиони и на теренот и пред платното. Особено сме благодарни на партнерите од НЛБ банка, талентираните ученици од ‘Лазар Личеноски’ и уметницата Мирослава Микица Трујкановиќ кои со својата поддршка и присуство помогнаа инклузијата да ја практикуваме на дело“, истакна Моника Бошкоска, претседател на Специјална Олимпијада, која со личен пример ја започна хуманитарната акција, купувајќи едно од изложените дела.

Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка, која е долгогодишен партнер на Специјалната Олимпијада, во своето обраќање ја потенцираше важноста на ваквите иницијативи: „За НЛБ банка, поддршката на Специјалната олимпијада е традиција на која сме исклучително горди. Инклузијата е темел на здраво општество, а фактот што нашите вработени несебично работеа заедно со атлетите на овие платна, дава дополнителна човечка вредност на целиот проект. Ова е доказ дека заедно можеме да го препознаеме, вреднуваме и поттикнеме потенцијалот кај секој поединец.“
„Инклузијата не е само цел кон која стремиме, туку пракса која треба да ја живееме секојдневно. Глетката на овие уметнички дела, резултат од творењето на волонтерите и атлетите рамо до рамо е моќен потсетник дека кога ќе обезбедиме соодветна средина, секој поединец може да заблеска. Оваа соработка е златен стандард за тоа како се градат инклузивни заедници во целиот свет“, потенцираше Свен Албрехт (Sven Albrecht), претседател и генерален директор, Специјална олимпијада Европа Евроазија, дополнувајќи дека вклучувањето на млади уметници од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во вакви проекти е одличен пример за едукација на младите генерации во духот на емпатијата и прифаќањето.
Сите 17 дела беа предмет на хуманитарна продажба, а собраните средства се наменети за поддршка на понатамошните активности на Специјална олимпијада Македонија.






