Вучиќ изјави дека посетата ќе трае пет до шест дена и ќе има карактер на државна и официјална посета, нагласувајќи ја важноста на соработката со Кина за граѓаните на Србија. Според него, за време на посетата ќе се разговара за роботиката, вештачката интелигенција, воено-техничката и економската соработка, инфраструктурата, но и за подобрувањето на образовниот систем.
„Една од најважните работи е како ќе го промениме нашиот образовен систем“, кажа Вучиќ, додавајќи дека нема да прави компромиси по ова прашање.
Вучиќ изјави дека Србија е многу пати посилна денес отколку пред 15 години и оцени дека земјата сега ќе има значително поголеми одбранбени капацитети отколку во времето на бомбардирањето на Југославија од страна на НАТО во 1999 година. „Денес сме многу посилни и затоа никој нема да не нападне, но мора да продолжиме да се зајакнуваме“, порача тој.
Додаде и дека силата на српските вооружени сили е резултат на економскиот раст и инвестициите во одбранбениот сектор, наведувајќи дека земјата има значителни количества оружје и воена опрема. Тој истакна и дека Србија стекнала дел од најмоќното оружје од Израел, што дополнително ја подобрило борбената готовност.
Зборувајќи за Косово, тој истакна дека прашањето е вратено на преговарачката маса, нагласувајќи дека нема да ја води земјата во војна и дека останува посветен на мирот и понатамошниот развој. „Сега би имале со што да војуваме, но не сакам војна, бидејќи им ветив на граѓаните мир“, кажа Вучиќ, додавајќи дека Србија продолжува да соработува со разни партнери, вклучувајќи ги Иран и Израел.






