Претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, на Драмски театар од Скопје ќе го отвори јубилејниот фестивал. На отворањето ќе бидат доделени и наградите за животно дело. Годинашни добитници се театарските уметници: Атила Клинче, Сашо Миленковски, Љубомир Чадиковски и Веби Керими.
Во официјалната програма на фестивалот од која жирито ќе ја одбере најдобрата, се и претставите: „Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје; „Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола; „Ивона принцезата на Бургунд“, од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија – Скопје; „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово; „Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје; „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип: „Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје; „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и претставата „Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје.
Во придружната програма, како независни продукции, за фестивалот селекторот и уметнички директор Ана Стојаноска ги избра претставите: „Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје; „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар – Скопје; „Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески и претставата „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“.

Уметничкиот директор Ана Стојаноска вели дека во македонскиот театар недостасуваат повеќе претстави на современи македонски автори.
„Прилеп и прилепските театарски уметници, и сите уметници во Македонија заслужуваат овој голем јубилеј да биде прославен на достоинствен начин. За мене современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба јасно и гласно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов на независните театарски сцени има одлична продукција и ретки примери во институционалната продукција. Затоа концептот на ова издание го одредив на – кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“, рече Стојаноска.
Со одлука на собранието на фестивалот, а по иницијативата на семејството на Кирил Ристоски, наградата за најдобра машка улога од годинава ќе го носи името на актерот, професорот и поранешен директор на фестивалот, Кирил Ристоски.
Фестивалот продолжува со тематиката „Прилеп во фокус“, а овој пат во фокус се тројца прилепски театарски уметници: Благоја Ивчески, Лидија и Трајче Иваноски.
Фестивалот ќе го отвори изложба посветена на 60-годишниот јубилеј, а отворањето ќе има едно патување – од зградата на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ до Центарот за култура „Марко Цепенков“ преку раскажување за историјатот на фестивалот.
Годинашен автор во фокусот е Дејан Дуковски. Во негова чест, на затворањето на фестивалот гостува претставата „Црно злато“ од Белградско драмско позориште со праизведбата на драмата на Дејан Дуковски.
Годинашни членови на жирито се: театрологот Дарко Лукиќ, театарската режисерка Аида Буквиќ и Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка.






