среда, 6 мај 2026

Ролингстонси со синглот „Во ѕвездите“ го најавија новиот албум

На албумот, кој излегува летово, се наоѓа и блуз-песната Rough and Twisted, како и гостувања на Пол Макартни, Роберт Смит и Стив Винвуд.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ролингстонси го најавуваат својот нов албум Foreign Tongues со новиот сингл In the Stars, пренесува Ролинг стоун.

Таа песна, заедно со блуз-нумерата Rough and Twisted, која претходно ја промовираа преку герилска кампања претставувајќи се како бендот „Кокроучес“, ги предводи 14-те песни на албумот. Албумот излегува на 10 јули и е наследник на изданието Hackney Diamonds од 2023 година, кое го освои третото место на американската листа и му донесе на бендот награда Греми.

Главниот сингл „In the stars“ во почетокот звучи како поп-рок песна во стилот на Ролингстонси од раните осумдесетти.

Меѓутоа, рефренот носи уникатна мелодија додека Мик Џегер пее: „It’s in the stars, it’s our destiny“, со придружни вокали што пеат „оооох“ и со додаток на пијано што открива една нова страна на бендот, пред песната повторно да им се врати на препознатливите рифови на Кит Ричардс.

Rough and Twisted, од друга страна, претставува блузерска рокенрол-нумера со ритам за удирање со нога, полна со слајд-гитара, буги-вуги пијано и саксофон, што потсетува на снимките на Ролингстонси од почетокот на седумдесеттите.

Бендот го снимал албумот во Метроплис студио во западен Лондон. Продуцентот Ендру Вот, кој работеше и на „Hackney Diamonds“, го водел и снимањето на „Foreign Tongues“.

Покрај Џегер, Ричардс и гитаристот Рони Вуд, на албумот се враќа и басистот Дерил Џоунс, кој не бил достапен за време на работата на „Дајмондс“, како и клавијатуристот Мет Клифорд и тапанарот Стив Џордан.

Албумот вклучува и појавување на сега покојниот тапанар на Ролингстонси Чарли Вотс, снимено за време на една од неговите последни сесии пред смртта во 2021 година. Меѓу гостите на албумот се Стив Винвуд, Пол Макартни, Роберт Смит од The Cure и Чед Смит од Ред хот чили пеперс.

„Ги обожавам овие снимачки сесии во Лондон, во Метрополис“, вели Џегер во соопштението. „Тоа беа многу интензивни неколку недели работа на албумот Foreign Tongues. Имавме 14 одлични песни и работевме најбрзо што можевме. Ми се допаѓа тоа студио затоа што не е преголемо, па можете да ја почувствувате страста на сите луѓе во просторијата.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ