Tој истакна дека овој резултат се должи на сериозното планирање и интензивна работа уште од првите месеци по формирањето на Владата и посочи дека ваквата реализација е силен импулс за економијата и градежниот сектор во државата.
„Работевме доста интензивно од изборот до минатото лето на сериозно планирање на активности и веќе од минатата пролет-лето работиме на реализација. Јас не сум изненаден од овие бројки и сум навистина горд што три четвртини од средствата предвидени за капитални расходи во Министерството за транспорт се потрошени, затоа што тие средства даваат дополнителен стимул на економијата“, истакна Николоски.
Вицепремиерот потенцира дека Министерството е подготвено да реализира дополнителни 40 милиони евра, доколку тие средства може да се обезбедат со ребалансот на Буџетот.
„Во однос на тоа што ќе правиме во остатокот од годината, ова е една убава комотна позиција за нас, да можеме при ребалансот на Буџетот да побараме дополнителни средства. Ние во моментов имаме услови да исконсумираме некаде околу 2,5 милијарди денари или над 40 милиони евра, средства коишто дополнително сме спремни да ги реализираме во текот на годината, а надвор од ова што е буџет на Министерството за транспорт. Нашите проекти се највидливи и оваа цела раздвиженост на градежната оператива низ државата го покажува тоа што го зборувам“, рече заменик-претседателот на Владата Николоски.
Тој рече дека е отворен фронт за интензивирање на градежните активности на автопатските делници што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“, при што е забележан раст од 90 отсто во 2025 година во однос на 2024 година.
Николоски нагласи дека очекува трендот да продолжи и годинава, со нов раст од околу 70 отсто споредено со 2025 година.
„Сега, со оглед на тоа дека завршните сметки се готови, можете да видите дека Бехтел има 90 отсто раст кога ќе ги споредите 2024 со 2025 година, што значи дека она што го кажуваме во јавност, дека ние им ги отворивме фронтовите за работа и им ги овозможивме сите услови да работат, се покажува на дело, а оваа година очекувам дека ќе имаат некаде 70 проценти раст, во споредба со минатата. Значи, проектот расте, како што треба да расте, се обидуваме да ги надминеме слабостите од минатото“, рече Николоски.
Проектот, додаде, бил преземен во фаза без значителна теренска подготовка.
„Наследивме проект којшто имаше нула проценти експропријација, нула дислокација на водови и каде што освен потпишување договори немаше никакви активности на терен“, додаде Николоски.
Тој вели дека се одвиваат активности на терен на делниците Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, додека динамиката на работите на делницата Требеништа – Ќафасан ќе зависи од процедурите поврзани со УНЕСКО.
„Почнавме со активности на терен и на Прилеп – Битола и на Тетово – Гостивар и на Гостивар – Букојчани, ситуацијата на Требеништа – Ќафасан зависи од УНЕСКО, но и таму имаме решенија доколку добиеме зелено светло“, посочи Николоски.
Во гостувањето, Николоски се осврна и на изградбата на автопатот Прилеп-Битола, оценувајќи дека станува збор за проект што има и стратешко и економско значење. Според него, една коловозна лента од автопатот треба да биде целосно завршена веќе следната година, додека целосното автопатско решение се очекува да биде финализирано до 2029 година.
„Автопатот Прилеп-Битола од една страна е нешто што е дамнешна желба. Од друга страна, веќе влезе во паневропските коридори. Тој коридор кога ќе биде завршен и од македонска и од грчка страна, ќе го скрати патувањето помеѓу Скопје и Атина за некаде до 3 часа, што многу ќе значи за економијата и за бизнисот. Едната страна од автопатот ќе биде целосно завршена веќе следната година, а комплетното автопатско решение заедно со сите споредни инфраструктурни објекти како: клучки, натпатници и споредни патишта, се очекува да биде финализирано до 2029 година“, истакна Николоски.
Новиот автопат, вели, ќе претставува значајна алтернатива на Коридорот 10-д и ќе овозможи побрзо поврзување меѓу Скопје и Атина, со очекувани позитивни ефекти врз економијата, транспортот и бизнисот.






