петок, 8 мај 2026

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Универзитетот како архитект на вредносното општество

Помеѓу образованието, владеењето на правото и феноменот на nation-building.

Во современиот европски контекст, улогата на универзитетите одамна ја надминува нивната класична функција како институции за пренос на знаење, трансформирајќи се во комплексни општествени актери кои истовремено учествуваат во обликувањето на демократската култура, во градењето на институционалната доверба и во артикулацијата на вредносните основи врз кои почива општествената заедница.

Оттука, прашањето за универзитетот не може да се третира како изолирано образовно прашање, туку како суштинско прашање за карактерот на општеството во целост: какви вредности се создаваат, какви граѓани се обликуваат и каков однос кон институциите се репродуцира.

Во рамки на eвропскиот простор на високо образование, овие очекувања се јасно определени преку фундаменталните принципи на академска слобода, институционална автономија, колегијално управување, учество и јавна одговорност, кои не претставуваат само нормативни декларации, туку предуслови за функционален и легитимен универзитетски систем.

Во анализите на EUA и во стратешките насоки на Европската комисија, универзитетот се разбира како институција која има двојна улога: од една страна да произведува знаење, а од друга страна да создава и одржува вредносна инфраструктура на општеството, преку развој на критичко мислење, култура на дебата, транспарентност и институционална одговорност.

Токму оваа двојна функција го поставува универзитетот во сржта на процесот на nation-building, кој во современата политичка теорија се разбира не како механичко создавање на идентитет, туку како долгорочен процес на градење доверба, заеднички вредности и чувство на припадност во рамки на една општествена заедница. Како што аргументираат некои истражувачи, нацијата постои како „замислена заедница“ која се одржува преку заеднички наративи, симболи и институции, а токму универзитетите претставуваат едни од клучните простори каде што тие наративи се создаваат, преиспитуваат и пренесуваат низ генерации.

Сепак, суштинското прашање не е дали универзитетите учествуваат во овој процес, туку на кој начин го прават тоа, односно дали тие се простори на критичка рефлексија и вредносна артикулација или, пак, институции што репродуцираат постоечки структури без нивно преиспитување. Универзитетите не произведуваат само експертиза, тие создаваат когнитивни рамки преку кои се разбира јавниот интерес, се толкува правдата и се дефинира односот кон институциите, при што нивното влијание врз формирањето на civic culture, култура на учество, доверба и одговорност, е од суштинско значење за секое демократско општество.

Во таа смисла, особено значајно е фактот што универзитетот не ја пренесува идејата за владеење на правото само преку наставни содржини, туку преку сопственото институционално функционирање, односно преку начинот на кој се донесуваат одлуки, се применуваат правила и се практикува одговорност. Владеењето на правото, како фундаментална вредност, не може да се интернализира во отсуство на институционално искуство кое го потврдува неговото постоење, што значи дека секоја дисонанца помеѓу нормативната рамка и практичната реалност во рамки на универзитетот директно ја поткопува неговата образовна и општествена функција.

Во овој контекст, не е изненадувачки што во јавниот дискурс се појавуваат позиции кои го редуцираат универзитетот на хиерархиски организирана структура, нагласувајќи ја улогата на авторитетот и академската диференцијација како негова суштинска карактеристика. Ваквата перспектива, не е без основа, бидејќи универзитетите навистина функционираат врз основа на специфични форми на академски авторитет и знаење. Но, проблемот не произлегува од самото постоење на хиерархија, туку од нејзината апсолутизација и изолирање од другите димензии на универзитетското управување.

Современите институционални теории, укажуваат дека универзитетите не можат да се разберат ниту како чисто хиерархиски, ниту како чисто демократски структури, туку како сложени институции кои функционираат преку динамичен баланс помеѓу експертизата, колегијалноста и учеството. Овој баланс не е само организациски аранжман, туку извор на институционална легитимност, бидејќи овозможува истовремено зачувување на академскиот квалитет и изградба на доверба во процесите на одлучување.

Оттука, хиерархијата не може да обезбеди квалитет и стручност, без механизми на колегијалност, транспарентност и учество, таа не може да создаде институционална доверба, а без доверба, универзитетот ја губи својата способност да функционира како јавна институција во полн смисол на зборот. Токму затоа, во европскиот контекст се развиваат модели на governance, кои не ја негираат хиерархијата, туку ја вградуваат во поширок систем на одговорност, каде што различни актери учествуваат во процесите на одлучување, создавајќи рамнотежа помеѓу автономијата и јавната одговорност.

Оваа рамнотежа е од суштинско значење за улогата на универзитетот како дел од јавната сфера, како што тоа го концептуализираат теоретичарите, укажувајќи дека демократските општества зависат од постоењето на простори каде што се одвива рационално-критичка дебата, ослободена од директни политички и економски притисоци. Универзитетот, во оваа перспектива, не е само образовна институција, туку клучен медијатор помеѓу знаењето и општеството, простор во кој се артикулираат, преиспитуваат и трансформираат општествените вредности.

Во услови кога оваа функција е ограничена или еродирана, универзитетот ризикува да стане институција што ја репродуцира постоечката реалност, наместо да ја преиспитува и трансформира, со што се губи неговата клучна улога во демократскиот развој и во процесите на nation-building. Ова прашање добива особена тежина во контексти како македонскиот, каде што институционалната доверба е ограничена, а јавниот простор често е фрагментиран, што ја зголемува одговорноста на универзитетите како ретки простори на критичка мисла и вредносна артикулација.

Во такви услови, улогата на универзитетите не може да биде сведена на техничка функција на образование, туку мора да се разбере како клучна компонента на општествениот развој, односно како механизам преку кој се гради не само знаење, експертиза и кадар, туку и доверба, вредности, и општеството.

Оттука, универзитетот се појавува како истовремено производ и производител на општеството. Тој ја одразува состојбата на општеството, но истовремено ја обликува неговата иднина. Ако сакаме општество засновано на вредности, владеење на правото и демократска култура, неопходно е да имаме универзитети кои не само што ги пренесуваат овие принципи, туку ги живеат како составен дел од своето институционално функционирање.

Затоа што на крајот, универзитетот не е само место каде што се учи за општеството —
туку место каде што тоа општество се создава.

Катерина Климоска

(Авторката е истражувач во областа на меѓународните односи, европските студии и геополитиката и ЕУ експерт за високо образование и научноистражувачка дејност.)

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Во одбрана на студентите или кога професорите ќе стивнат

Јове Кекеновски

Стандарди и исклучоци?

Лесли Милер

Насилството врз децата може да се спречи, ако дејствуваме заедно

Адела Ѓорѓиоска

Македонија меѓу здравиот разум и стратешките илузии

Александар Иванов

Тешки преси, мајндсет на Студената војна и балкански илузии: архитектурата на...

Виолета Ачкоска

4 мај – ден на убиството на Гоце Делчев

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ