„Кој ќе го прочита мојот нов роман ќе порасне во сопствените очи. Премногу долго време мислиме дека сме некое смачкано племе. Моите прекрасни херои, Сибила и Јаблон, на здрав начин ја отсликуваат нашата душа“, вели авторот на овој љубовен роман.
Опусот на Божин Павловски досега опфаќа повеќе од 200 изданија на македонски јазик и повеќе од 100 изданија на други јазици. Тој освоил и 23 книжевни признанија, вклучувајќи шест меѓународни како: Интербалканската награда за книжевност во Грција, наградата Екселзиор за унапредување на европската проза во Романија, наградите Младост и Арка во Србија. Опусот на овој македонски автор е добитник на државните награди „11 Октомври“ и „23 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста, како и двоен добитник на речиси сите сталешки книжевни награди што се доделуваат во нашата држава.
Освен во уметноста Божин Павловски се истакна и во културата. За основањето и раководењето на легендарната издавачка куќа „Мисла“, тој беше одликуван со највисокиот Орден заслуги за народ на тогашната заедничка држава Југославија. Близу 40 години академик Павловски стои на чело на двата македонски неделни весника што излегуваат на слободен пазар во Австралија: Australian Macedonian weekly и Australian Macedonian Today.
„Јаблон и Сибила“, нов љубовен роман на Божин Павловски, „кој ќе го прочита ќе порасне во сопствените очи“
При крајот на овој месец, во издание на МАНУ и Матица, излегува од печат 25-от роман на академик Божин Павловски „Јаблон и Сибила, љубовна приказна“. Ова е редок феномен во пошироки книжевни размери, на прсти можат да се избројат творците што создале толкав број успешни романи.

Објавено на
часот





