четврток, 7 мај 2026

Огромен чекор за зачувување на природата: Орангутан за прв пат користи висечки мост над пат (ВИДЕО)

Орангутан беше снимен како користи мост од јаже за да премине пат во округот Пакпак Бхарат во Северна Суматра, Индонезија, на големо воодушевување на чуварите на природата.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Млад мажјак на суматрански орангутан користел мост за да премине во нова област на дождовна шума, давајќи им надеж на заштитниците на природата за опстанок на орангутаните во областа, пренесува Сајенс фокус.

„Овие мостови на врвот на дрвјата покажуваат дека развојот на инфраструктурата и дивиот свет не мора да бидат во конфликт“, рече Хелен Бакленд, извршна директорка на Здружението за заштита на суматранските орангутани (СОС). „Понекогаш наједноставните решенија се најефикасни.“

Во 2024 година, СОС, заедно со локалниот партнер, Фондацијата Танггух Хутан Катулистива (ТаХуКах), почнаа да градат мостови меѓу крошните од дрвјата по проширувањето на патот Лаган-Пагиндар.

Патот ги поврза луѓето од руралните заедници со клучните услуги, како што се болниците и училиштата.

Сепак, кога патот беше проширен во 2023 година, се создаде празнина помеѓу врвовите на дрвјата што орангутаните и другите животни повеќе не можеа да ја преминат.

За 350 орангутани во тој регион тоа значело дека популацијата е поделена на две групи – едната во резерватот Сиранггас, а другата во заштитената шума Сикулапинг.

Заробени на овие „шумски острови“, групите орангутани повеќе не можеле да се мешаат, ставајќи го веќе загрозениот вид дополнително во опасност од опаѓање поради парење во сродство.

Сепак, овој пример покажува дека мостовите на врвовите на дрвјата можат да бидат ефикасно решение за групите орангутани разделени со патишта.

Други видови примати порано биле видени како користат премини, вклучувајќи гибон, лангур и макаки, ​​но не и орангутани – сè до сега.

„Две години набљудувавме и го чекавме овој момент“, рече Бакланд. „Да се види овој млад мажјак орангутан како самоуверено го преминува патот користејќи мост помеѓу крошните претставува огромен чекор за заштита на природата – доказ дека е можно повторно да се поврзе овој фрагментиран пејзаж.“

Овој мост беше еден од петте премини поставени меѓу врвовите на дрвјата високо над патот Лаган-Пагиндар, со употреба на 200 метри јаже.

Суматранскиот орангутан е критично загрозен вид, со само 14.000 преостанати во дивината. Тој е еден од трите вида орангутани, кои живеат во Југоисточна Азија.

„Овој регион во Северна Суматра е глобален приоритет за зачувување“, рече Бакленд. „Исчезнувањето на дивите орангутани би можело да има последици врз целиот екосистем, вклучувајќи ги и природните ресурси од кои зависат локалните заедници.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ