четврток, 7 мај 2026

Хрватска: Уапсени 21 лице осомничени за корупција во земјоделството

Европското јавно обвинителство (ЕЈО) објави дека 21 лице е уапсено во Хрватска под сомнение за корупција и измама со субвенции поврзани со европските земјоделски фондови.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу уапсените се една поранешна стручна советничка на филијалата на Агенцијата за плаќања во земјоделството, рибарството и руралниот развој на Хрватска и раководителот на истата филијала на Агенцијата, пренесува Индекс.

Европското јавно обвинителство наведува дека ги сомничи за злоупотреба на положбата и овластувањата и примање поткуп.

Апсењата беа извршени по 30 претреси во кои учествуваа околу 150 полицајци, во соработка со Полициската управа Сисак-Мославина и финансиските истражители од Даночната управа.

Според ЕЈО, од 2020 година, поранешна вработена во Агенцијата поврзала уште две лица во злосторничко здружение за да им овозможи на земјоделците да добијат незаслужена европска поддршка, во замена за финансиска компензација.

Се сомнева дека тие вештачки ја зголемиле површината на земјоделско земјиште во регистрите и фалсификувале документација со која се докажувало занимање со земјоделство.

Меѓу спорните документи се лажни фактури за продажба на ѓубриво и неверодостојни лабораториски анализи на почвата што биле приложени кон апликациите за европски средства.

Според досега собраните докази, пренесува Индекс, осомничените се обиделе нелегално да стекнат вкупно околу 670.000 евра, од кои биле исплатени околу 357.000 евра.

Наводно за своите услуги примиле најмалку 36.000 евра поткуп.

Европското јавно обвинителство, исто така, тврди дека раководителот на филијалата на Агенцијата се договорил со најмалку четири земјоделци да помогнат во подготовката и поднесувањето на барањата за поддршка во замена за нелегална финансиска корист.

Истражителите се сомневаат за кривични дела злоупотреба на положба и овластувања, примање и давање поткуп, измама со субвенции и фалсификување документи извршени како дел од злосторничко здружување.

ЕЈО потсетува дека сите осомничени се сметаат за невини сè додека не се докаже нивната вина пред хрватскиот суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ