Филмот го режира Стојан Вујичиќ, еден од водечките македонски автори, чиј опус вклучува играни и документарни филмови, прикажани и наградени на домашни и меѓународни фестивали. Автор е на „Стела“ (2021), првиот македонски долгометражен игран филм за деца. Дена Вујичиќ учествува во продукцијата и како негов креативен соработник. Сценариото го потпишуваат Стојан Вујичиќ во соработка со Александар Русјаков како и Дена Вујичиќ (19), која е вклучена во проектот како нивен креативен соработник — таа го носи во процесот на она, за коешто не постои замена: перспективата одвнатре.

„Овој филм е дел од едно чувство кое не бледнее со годините. Чувство дека во еден момент животот ненадејно се менува — без предупредување, без образложение — и дека од тој момент низ животот си оставен сам да го преведуваш она што се случило во смисла, во логика, во живот. Снешкото е симбол на нешто чисто, среќно и поставено со прецизна функција во филмот. Ништо не е случајно, ништо не е декоративно”, вели Стојан Вујичиќ, режисер.
Во главните улоги настапуваат: Ирина Апелгрин, Христијан Ристевски, Тони Наумовски, Даниела Ивановска, Симеон Дамевски, Тони Михајловски… Кинематографер на филмот е Дејан Димески, костимограф е Гео Павлов, сценограф е Влатко Зафирковски, автори на шминката се Магдалена Бојаџиева и Снежана Ангеловска Живковска, а Продуцент е Огнен Антов.
„Снешко“ е меѓународна копродукција на „Дрим Фектори“ (Македонија) со партнерски продукциски куќи од Хрватска („Sekvenca“), Италија(„The Box film“), Бугарија („Samsara“) и Албанија(„Papadimitri film production“). Продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм на Македонија, и националните фондови на државите.

„Дрим Фектори“ е продукциска куќа основана од Огнен Антов во 2007 година. Во своето 18-годишно постоење, продукцијата изгради уникатно портфолио кое се движи помеѓу македонскиот авторски кинематографски израз и меѓународните копродукции со светска фестивалска и дистрибутивна видливост. Огнен Антов е основач на продукцијата, а воедно и претседател на здружението на Македонски филмски продуценти и продуцент на над 20 долгометражни и кратки филмови во последниве 18 години. Еден од последните проекти на „Дрим Фектори“ – филмот „Вера сонува за морето“, во режија на Калтрина Красниќи, беше дел од еден од натпреварувачките програми на Венеција 2022, а со филмот „Оче наш“ беше дел од престижниот филмски фестивал од „А“ категорија во Торонто. Со „Снешко“ („THE SNOWMAN“), „Дрим Фектори“ под водство на Стојан и Огнен, за прв пат го поставуваат македонскиот авторски игран филм во директна конкуренција со европскиот фестивалски пазар за младинска кинематографија.






