понеделник, 11 мај 2026

Мечкароски: Изворите во Шум не се во опсаност откако беше пронајден угинат коњ

Угинат коњ, фрлен на ридовите над изворот Шум, од каде Струга се снабдува со вода за пиење предизвика загриженост во Општина Струга и јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на струшки водовод Јованчо Мечкароски информира дека на терен излегле инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство и од комуналното претпријатие и оти изворите не се во опасност бидејќи животното веднаш било отстрането.

„На терен веднаш излегоа инспектори и по извршениот увид подигнато е угинатото животно. Сопственикот е пронајден по чипот, кој го имал коњот и институциите ќе постапат според законите“, изјави Мечкароски.

Тој појасни дека во моментов градот Струга со вода се снабдува од изворите во Горна Белица со доток од 380 литри во секунда и матност од 0,6 НТУ.

Ситуацијата, како што соопшти Општина Струга, дополнително била алармантна поради врнежите од дожд, бидејќи атмосферските води можат да пренесат токсини и опасни материи од угинатото животно кон изворот на вода, создавајќи потенцијален ризик од загадување на водите.

„Изворот Шум е подрачје од особено природно значење и секоја ваква неодговорност претставува сериозна закана за екосистемот и граѓаните. Сепак, од надлежните институции информираат дека водата во моментов е безбедна за пиење и дека состојбата на терен постојано се следи со цел да се избегне каков било можен ризик“, пишува во информацијата.

Фрлањето угинати животни на отворени површини и во близина на водни извори, според Општина Струга не е само неодговорен чин, туку и директна опасност за јавното здравје и животната средина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ