петок, 3 јули 2026

Ристески: Пријавени над 5.000 кандидати преку мерката за самовработување

Денеска е последниот ден за аплицирање за мерката за самовработување, а интересот е значително поголем во однос на лани. Заклучно со вчера, пријавени се повеќе од 5.000 кандидати, од кои 2.002 се млади до 29 години, информира заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески при посетата на Центарот за вработување во Прилеп.

Објавено на

часот

Сподели

„Ги посетивме центрите за вработување низ земјава и реализацијата на годинашниов оперативен план преку мерката за самовработување се одвива добро. Секаде има зголемен интерес. Инаку, прилепчани се едни од најактивните и досега се пријавиле 316 апликанти што е повеќе од лани. Од наредната недела ќе следува уште една атрактивна мерка, а тоа е помош на правните субјекти за вработување каде посебно ќе се субвеницонира вработувањето на младите луѓе. Приоритет на Министерството и на Владата е да се вработуваат млади луѓе и да ги постигнеме основните цели: да ја намалиме невработеноста која сега е и на најниско ниво, да овзможиме развој на локалната економија и  најбитното, да ги задржиме младите и работоспособните луѓе во земјава“, рече Ристески.

Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво веќе има подготвено прирачник кој ќе им помогне на апликантите кои го пополнуваат прашалникот при кој се прави првичната селекција. Мерката самовработување има успешна реализација од 80 проценти.

„Има успешност, бизнисите се задржуваат. Процентот на успешност е околу 80 насто. Апелирам до сите да ги следат останатите мерки, кои се надвор од оперативниот план кои ги нудат нашата Агенција, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување и да аплицираат“, изјави Даниела Димоска, директорка на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво.

Со 316 апликанти во Прилеп е надминат ланскиот интерес за самовработување, а веќе се пријавуваат и заинтересирани повратници кои сакаат тука да отворат свој бизнис.

„Лани имавме 294, а годинава и тоа не е конечна бројка, се 316 апликанти за мерката самовработување. Главно, во прашање се услужни дејности. Убаво е што се користи и можноста да аплицираат повратници од странство кои сакаат овде да отворат свој бизнис. Од почетокот на годинава веќе се пет апликации“, рече Виолета Димоска, директорка на Центарот за вработување во Прилеп.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, оцени дека зголемениот интерес за самовработување е позитивен сигнал за развојот на локалната економија и за задржување на младите во земјата.

„Голема е придобивката од интересот на прилепчани за мерките од оперативниот план. Особено што годинава е зголемен интересот што пак ќе влијае на развојот на локалната економија и на тоа младите да останат и да го најдат своето место на пазарот на трудот“, рече Проданоски.

За годинашниот Оперативен план за вработување се обезбедени околу 40 милиони евра, од кои 22,3 милиони евра се наменети за мерката за самовработување. Минатата година, преку оваа и другите активни мерки за вработување, работа добиле околу 4.500 лица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ