понеделник, 11 мај 2026
Братислав Димитров

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Најважната ноќ

Данило Киш тврдеше дека пишувањето е како да пееш сам во пустина. За Горан Стефановски е чувство на човек кој сака да го задржи ветрот во цврсто стегнатата дланка. Пред својот роман „Неименливото“, светскиот намќор, нобеловецот Семјуел Бекет клал мото: „Сè е бесмислено, но никогаш нема да престанам да пишувам“. Што имам јас да изјавам? Изјавав едно магаре во Владимирово, а сега седам и пишувам. Во животот сум имал многу најважни ноќи, но ја избрав оваа. За да остане некој спомен за мене и моите другарчиња, зашто мислам дека еден ден ќе умреме. Не гарантирам, затоа што тоа обично им се случува на другите. Само гарантирам дека оваа случка е вистинита.

Јас сум од генерацијата која прва почна да користи „Питралон“. Тоа беше „колонска вода за после бричење“, така барем пишуваше на картонската „опаковка“. Во секој случај, нејзиниот мирис беше далеку подобар од испотена мишка или патика „шангајка“, одамна заборавена во некое социјалистичко подрумче. Имаше и друга предност. Го чувствуваш мирисот и дури после долго време се појавуваат ненајавени гости, за пријатно да те изненадат! Така добиваш шанса нешто да раскренеш по куќи, за после да не те оговараат како денес на фејсбук, а тогаш на селски чешми. Таков беше народниот обичај: „Домаќинлак се гледа на ненајавено“. Денес не знам како е. И утре нема да знам.

Кој што сака нека каже ама социјализмот имаше една работа која никако да ја прежалиме. Имаше вишок на слободно време кое не можевме да го потрошиме. Тогаш се појави вистинскиот хедонизам познат како бадијалчење, ашкање, глуварење, џаболебарење и „ебавање сојки“. Зен и будизам во пракса. Врв на овие фини активности беше мрзата. Лежиш оптегнат на некое пољанче со тревка во устата и дремеш со часови како фараон. Никаде не брзаш. Никој не те брза. Мрзата беше аристократска состојба, во духовна смисла.

Криво седам, ама право зборам: За нашето богатство (вишок на време) многу помогна и фактот дека тогаш главните забави беа ограничени само на корзо, кино и парк. Добро, имаше и по некоја домашна журка, но под услов родителите да дадат дозвола. Затоа што никој не сака да го ризикува своето ново килимче или теписонче милиметарски оптегнато во дневната соба, тогаш позната под терминот „приемна“. После завршување на корзото, се собиравме под некоја осветлена маалска бандера и долго се дружевме. Не ви се верува? Ќе повторам: Долго се дружевме. Со појавата на првото „нинтендо“ и сите други „модерни алатки“ престанавме да се дружиме дури и со себе. Така стигнавме до „вештачката интелигенција“ и… Нема ништо да кажам, за да не урочам.

Во тие дамнешни времиња многу работи немаше, а и тие што ги имаше беа за никаде. Но имаше вистински мајки, татковци, баби, дедовци, тетки, стрини, вујковци, вујни, балдзки, баџанаци, золви, свекрви, комшии, пријатели, верни другарки и другари, патлиџан скопски јабучар и вистински седенки пред порти, а не како сега пред фејсбук, кого го измислил ѓаволот, лично и персонално.

Беше косар (мај) 1967 година. Како да беше вчера, а не беше. За мала матура нè однесоа во Дојран, во некое летувалиште со строга забрана која не успеавме да ја сфатиме: „Никако доближување до езерото!“ „Што му фали на езерото?“, прашуваме со надеж дека езерото ќе се оправи. „Езерото си е добро, вие сте за никаде“, одговори наставничкиот кадар и нѝ го покажа обратниот правец на движење. Ако не смееме да шлапкаме по тоа езерото, зошто не си останавме во Скопје? Ќе касневме во некоја биртија, ќе се изнавикавме и ќе си одевме дома. Откако некако се помиривме со фактот дека езерото е само декорација, следната вест нѝ зададе силен удар. На нашата матурска вечер ќе свирел некој народен оркестар!? Како бе народен!? Па нели сме тинејџери!? Како ќе им се пушташ на сите оние прекрасни шмизли додека музикантите гласно тегават некоја жетварска песна? Камо танго за да стопираш „на груди“ некоја симпатија и долго да ѝ мрчиш на уво сè додека не признае дека ти е женска?

Седнавме на едно пољанче и почнавме да го вежбаме „репертоарот“. Идејата беше ние да свириме на нашата матурска вечер. Купчето од неколку души постојано се зголемуваше и ѕенѕаше во ритамот на најголемите рок хитови со посебен акцент на балади за танго, познат во тоа време како „стискавец“. Во еден момент Пеце нагло престана да гребе по жиците на гитарата и заличи на Тутанкамон, одамна балсамиран. Соло гитаристот Зоко (Зоран Павловски) го чекаше како пензионер пред социјалистички шалтер и после една цела вечност му свика: „Удри еднаш на тој е-дур да му се сневиди!“ Наставникот по ОТО беше побрз. Го шлапна Пецета и ние јасно видовме како рој ѕвезди му кружат околу „глобусот…“ Зоко бунтовнички го почна своето соло, но и наставникот по фискултура не се откажа од својата педагошка мерка позната под стручниот термин „задвратница“. Заради развој на школскиот систем, наставничките нѝ ја кубеа косата до ушите и ние набргу сфативме дека нашата револуција е задушена во терор.

Следи ваму: Да ја откажаа матурската вечер, да повикаа (тогаш) „милиција“, да не уапсеа… ќе разберевме некако. Ама една голема идеја да се растури со неколку чврги и шлапанки, изгледаше навистина тажно и бенадежно. Добро. Испоседнавме на тоа асталите како крепосни селани, мртви гладни и жедни. Па кога им викнавме на тоа ќебапчињата и оранжадите! Море кромид, лепињи, феферонки, буковец и… што да ви расправам? Па после кога удривме едни ора, чочеци, урлање и потење… Не се виде ни бунт, ни отпор, ни револуција, ни бутур! Ништо не може да ја замени радоста на кебапчето.

Имаше  уште.

Таа пролет беше поубава од секоја сликовница и боенка. Крвта вриеше во вените на првите багреми, додека од небесното индиго како врела смола капеше божилак по околните сртови, стреи и нашето босоного детство. Тогаш јас бев „копиљ“ а татко ми пчелар, и насекаде одев со него. Во овој миг ги редиме сандаците со пчели покрај реката Пчиња. Кога една чучулига падна од највисокиот облак и заринка во плиќакот, тато рече дека испуштила душа. Долго време молчевме пред стутканите пердувчиња пред да се охрабрам да прашам: „Тато, што е тоа душа?“ „Никој не знае синко. Душата е најголемата тајна. Запомни само една работа: Што и да правиш во животот, душата секогаш да ти биде блага. Исто како овој мед“.

П.С.

Децата се најдобрите жители на оваа планета. И никој друг. И ништо друго. Честитки до сите матури и сите деца на овој свет!

Братислав Димитров

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Встанем (ќе станам)

Aмер Капетановиќ

Денот на Европа: Од ветување до пракса

Ристо Цицонков

Енергијата од обновливи извори сега е поевтина од фосилните горива

Универзитетот како архитект на вредносното општество

Билјана Ванковска

Во одбрана на студентите или кога професорите ќе стивнат

Јове Кекеновски

Стандарди и исклучоци?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ