„Мислам дека е фер да се каже дека е шокантно колку длабоко сме навлегле во тие залихи“, изјави сенаторот за американската телевизија Си-би-ес њуз.
Кели рече дека американскиот претседател Доналд Трамп ги вовлекол Соединетите Држави во војна со Иран „без стратешка цел, без план, без временска рамка и како резултат на тоа потрошивме многу муниција“.
Кели, истакнат член на Комитетот за вооружени сили, цитираше извештаи од Пентагон во кои детално се наведени залихите од специфични ракети, вклучувајќи ги „томахавк“, АТАКМС, СМ-3 и оние што се користат во системите Патриот. Ќе бидат потребни „години“ за да се надополнат овие залихи, рече тој, без да даде конкретни бројки.
Тој предупреди дека САД можеби нема да можат да се одбранат во случај на продолжен конфликт. Тогаш САД би се нашле „во полоша позиција“ отколку ако „оваа војна со Иран не се случеше“, рече Кели.
Пентагон моментално бара одобрение за значително зголемување на трошоците за одбрана. Предлогот за буџетот на администрацијата на Трамп за фискалната 2027 година предвидува речиси 1,5 трилиони долари одбранбени трошоци.
Кели го опиша ова како „скандалозно“, велејќи дека буџетот на Пентагон изнесувал 700 милијарди долари кога тој се приклучил на Сенатот пред пет и пол години, пренесува ДПА.
Според Пентагон, војната во Иран ги чинела САД приближно 25 милијарди долари до крајот на април. Оваа бројка ги претставува проценетите вкупни трошоци од нападот на САД врз Иран кон крајот на февруари, од кои најголемиот дел биле потрошени за муниција.






