вторник, 16 јуни 2026

Петрова до пратенците: Ако сакате силно обвинителство, помогнете да се изгради силна јавнообвинителска служба

350 вработени во јавните обвинителства низ државата не бараат привелегии, туку закон кој ќе ја препознае специфичноста на работата и ако сакате силно обвинителство, мора да помогнете да се изгради силна, професионална и мотивирана јавнообвинителска служба. Во спротивно, реформата ќе остане половична, порача денеска Маја Петрова, советник портпарол и заменик претседател на Синдикалната организација на јавните обвинителства на денешната јавна собраниска расправа по предлог-законот за  јавнообвинителската служба и на предлог-законот за судска служба.

Објавено на

часот

Сподели

За Петрова, особено загрижува фактот што членовите на работната група од која била дел и таа, а која работела на предлг-законот, никогаш не ја добија финалната верзија на текстот објавен на ЕНЕР, ниту текстот доставен во собраниска процедура.

„Се добива впечаток дека наместо да се зајакне самостојноста на јавнообвинителската служба, таа повторно се враќа во рамки на модел кој со години се обидуваме да го надминеме. Со години укажуваме дека работата во јавното обвинителство не може да се третира како класична административна работа. Работиме со кривични предмети. Работиме со класифицирани информации. Работиме со финансиски истраги. Работиме со докази. Работиме во постапки кои директно влијаат врз кривичниот прогон и владеењето на правото. Токму затоа очекувавме закон што ќе ја препознае таа специфичност. Наместо тоа, добиваме закон во кој најголемиот дел од клучните прашања повторно се регулираат по логика блиска до државната администрација“, рече Петрова.

Таа додаде дека во образложението на самиот закон предлагачот правилно оценил дека усогласувањето со Законот за административни службеници создало проблеми, дека класификацијата на работните места е несоодветна, дека системот не овозможува унапредување и дека е потребно изземање од статусот на административни службеници. „Ако во образложението се вели дека целта е изземање од моделот на административни службеници и создавање посебна јавнообвинителска служба, тогаш зошто во самиот закон за првпат се воведува категорија државни службеници како посебен дел од јавнообвинителската служба? Зошто воопшто се воведува оваа посебна категорија државни службеници, ако нивниот статус не е разработен со иста деталност како статусот на јавнообвинителските службеници? Што е предвидено со статусот на постојните вработени кои од 2015 година имаат статус на јавнообвинителски службеници и денес работат како советници, соработници, референти, лица за човечки ресурси, финансии, јавни набавки и односи со јавност? Дали тие го задржуваат статусот на јавнообвинителски службеници или автоматски стануваат државни службеници, и врз основа на кои преодни одредби се гарантираат нивните стекнати права, звања и можности за кариерен развој? Ако некој 15 години градел кариера во јавно обвинителство и е советник или самостоен советник, дали утре ќе биде државен службеник според Законот за административни службеници? Ако е така, тогаш каде е ветеното ‘изземање од статусот на административни службеници’?“, праша Петрова.

Според Петрова, наместо јавнообвинителската служба да се гради како единствен професионален систем со заедничка институционална припадност и јасна кариерна структура, со законот се создаваат различни статусни режими за луѓе кои секојдневно работат во истата институција и придонесуваат во истата функција, кривичното гонење.

Дополнително, Петрова се осврна и на законското решение за кариерен развој, за кое кажа дека она што работната група го предложила во предлог-законот е избришано. Таа праша зошто тогаш во собранискиот текст највисоките раководни функции во обвинителството не се пополнуваат од редот на постојните јавнообвинителски службеници, туку преку јавен оглас, со што се намалуваат можностите за кариерен развој на постојниот кадар.

„Мора искрено да прашам каде е тој кариерен развој? Каква е перспективата на еден млад правник кој денес би се вработил во обвинителството? Или на искусен стручен соработник по десет или петнаесет години работа? Како ќе се задржи стручниот кадар ако законот не предвидува никакво суштинско финансиско подобрување? Ова прашање не го поставувам од аспект на плата, туку од аспект на кадровска политика. Работната група едногласно усвои решение за коефициентите. Тоа решение не е прифатено во конечниот текст. Ако работна група формирана од Министерството едногласно усвои решение, јавноста има право да знае зошто тоа решение е напуштено и со кои аргументи. Ако суштината на реформата е поголема самостојност на Јавното обвинителство и зајакнување на кадровската автономија, тогаш зошто значаен број прашања од статусот на службениците и понатаму се оставаат да се уредуваат со подзаконски акти што ги донесува министерот за правда? Зошто нивното донесување не е во надлежност на Јавниот обвинител на РСМ или на Советот на јавнообвинителската служба?“, праша Петрова.

Таа се осврна и на работата на стручните соработници, записничарите, архиварите, информатичарите, истражителите за кои кажа дека без нив нема функционално обвинителство сѐ додека „луѓето кои го носат системот секојдневно чувствуваат дека нивниот статус останува на маргините на реформите“.

За Петрова, особено загрижува што во исто време во собраниска постапка се наоѓа и нов Закон за јавно обвинителство во кој голем дел од решенијата кои биле претставени како реформа во образложението, во самиот закон не се разработени во обем што би овозможил нивно реално остварување.

„Голем дел од клучните прашања остануваат уредени на начин кој суштински не ги надминува проблемите поради кои реформата беше започната.Затоа сметаме дека пред конечното донесување на законот потребна е дополнителна анализа и усогласување.Не затоа што сме против реформите.Туку затоа што сакаме реформите да бидат вистински.Затоа што јавното обвинителство не може да биде силно ако службата што секојдневно го носи неговото функционирање остане недоволно препознаена, недоволно автономна и без јасна професионална перспектива“, рече Петрова.

Обраќајки се на Министерството за правда како предлагач на законот, Петрова побара Министерството да каже каде и како преку законот, се истакнува посебноста на јавнообвинителска служба.

„Ако ја зголемува автономијата на обвинителството, покажете ни кои надлежности навистина се префрлаат во рамки на системот. Ако ги решава проблемите што ги констатирате во образложението, покажете ни кои конкретни решенија ги отстрануваат тие проблеми. Затоа што добар закон не се мери според тоа што пишува во образложението. Добар закон се мери според тоа што навистина ќе се случи во пракса. Ние како јавнообвинителска служба не бараме привилегии. Не бараме статус над другите јавни службеници. Бараме закон кој ќе ја препознае специфичноста на работата што ја вршиме. Законот што ќе го исполни токму она што самите како предлагач го ветувате во неговото образложение, посебна, професионална и функционална јавнообвинителска служба. Ако сакате силно обвинителство, мора да помогнете да се изгради и силна, професионална и мотивирана јавнообвинителска служба. Во спротивно, реформата ќе остане половична“, предупреди Петрова.

Таа ги повика пратениците внимателно да го разгледаат предлог-законот пред да го гласаат.

„Деновиве нема да одлучувате само за текст на закон, туку одлучувате каква јавнообвинителска служба ќе има оваа држава во следните децении. Дали ќе изградиме професионална, автономна и мотивирана служба која ќе биде вистинска поддршка на обвинителите во борбата против криминалот, или ќе донесеме закон што ќе создаде нови дилеми, нови поделби и нови кадровски проблеми. Бидејќи прашањето денес не е дали ќе донесете нов закон. Прашањето е дали ќе донесете подобар закон. Ние не бараме законот да се повлече. Бараме законот да биде подобрен додека за тоа сѐ уште има време“, порача Петрова.

Во јавната расправа се вклучија седумнаесет директно заинтересирани претставници на организации кои ги застапуваа интересите на вработените во судска служба и јавнообвинителска служба, и побараа враќање на делови од текстот на законите кои претходно биле усогласени во работната група, враќање на додатокот за висок ризик и доверливост на документи, враќање на процентот од 60 на 80 насто од висината платата што се исплаќа во услови на штрајк, грижа и кариерен развој за сите вработени, соодветен пристап кон информатичарите чиј број заради немотивираност се намалува, како и јасен текст на законот ослободен од влијанија и притисоци.

Заменик-министерот за правда, Ален Деребан рече дека Министерството ќе ги земе предвид и повторно ќе ги разгледаат предлозите од претставници на синдикатите, здруженија на судска администрација, јавнообвинителска служба, обвинителите кои денес на јавната расправа говореа за подобрување на предложениот закон за судска служба и предложениот закон за јавнообвинителска служба.

„Можам да заклучам дека забелешките се однесуваат на три точки, а тоа е статусот на лицата вработени во судовите, висината на платите и надоместоците, а имаше и забелешка за начинот на донесување на законот во смисла од текстот што го изработила работната група, до текстот што денес е во собраниска процедура. Мора да кажам дека работната група пред една година изработи текст на законот и тој беше објавен на ЕНЕР. Законот од Министерството за правда беше доставен до Владата, но во тој период настана промена на фактичката сосотојба, односно беше донесен нов Закон за административни службеници кој ќе стапи на сила на 1 јануари 2027 година и беше склучен Колективен договор со судовите и јавните обвинителства. Овој закон мора да се усогласи со законот за административните службеници за да нема закони што се во колизија. Слушнав многу критики и забелешки, добар дел од нив се прифатливи, и јавната расправа ќе помогне да бидат преточени во амандмани“, истакна Деребан.

Предлог законот за судска служба и предложениот закон за јавнообвинителска служба со сите денешни сугесетии, во второ читање ќе бидат истакнати пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ