вторник, 23 јуни 2026

Салвини за Трамп: Нападот на премиерката Мелони е напад врз сите Италијанци

Потпретседателот на италијанската влада и лидер на партијата Лига Матео Салвини изјави дека недоразбирањата меѓу Соединетите Американски Држави и Италија треба да се надминат што е можно поскоро, осврнувајќи се на критиките кои американскиот претседател Доналд Трамп ѝ ги упати на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Кој и да ја нападне на таков бескорисен начин претседателката на италијанската влада, ги напаѓа целата италијанска влада и сите Италијанци. Според мене, оваа приказна е завршена и сега треба да работиме заедно“, кажа Салвини на митинг на Лига во Милано, објави Анса.

Тој изрази надеж дека „овој период на недоразбирања брзо ќе заврши“ и дека двете страни ќе се вратат на заедничка работа.

„Секогаш постои излез од овие ситуации“, кажа Салвини, додавајќи дека личните напади не треба да ги загрозуваат дипломатските, трговските и индустриските односи меѓу двете земји, објави Танјуг.

Според него, Италија и САД имаат многу заеднички интереси и проекти, а како пример ја наведе соработката во областа на брзите железници.

„Подготвени сме да ги донесеме нашите инвестиции и знаење во САД, без оглед на несогласувањата со Белата куќа“, кажа Салвини.

Спорот меѓу Трамп и Мелони ескалираше откако американскиот претседател изјави за италијанската телевизиска станица Ла7 дека италијанската премиерка го „молела“ да се фотографира со неа на самитот на Г7. Потоа ја обвини италијанската премиерка дека одбива да соработува со САД на спречувањето Иран да развие нуклеарно оружје и оцени дека нејзината популарност во Италија опаѓа.

Мелони ги нарече тврдењата на Трамп измислени, велејќи дека „ниту таа ниту Италија никогаш ниту молат ниту преколнуваат“, наведувајќи дека има поддршка од граѓаните за заштита на италијанските национални интереси и наведувајќи дека Италија останува суверена држава која ги почитува меѓународните договори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ