четврток, 2 јули 2026

Политико: Европа се двоуми – САД или Кина

Европејците се поделени околу тоа дали Европската Унија треба да ги зајакне односите со САД или со Кина, покажува ново истражување објавено од Политико, кое, според медиумот, открива како вториот претседателски мандат на Доналд Трамп ги променил долгогодишните геополитички определби.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Анкетата, спроведена во јуни од агенцијата „Паблик фрст“ во 24 земји-членки на ЕУ, покажува дека во осум држави испитаниците повеќе се наклонети кон поблиски односи со Кина, во девет ги преферираат САД, додека во седум земји резултатите се речиси изедначени.

Во 14 од 24 држави најчестиот одговор бил „не знам“, односно повеќе луѓе не можеле да се определат отколку што избрале Вашингтон или Пекинг.

Според Политико, резултатите ја отсликуваат сложената позиција на Европската Унија, која се соочува со политички и трговски тензии со двете најголеми светски сили и нејзини најважни трговски партнери.

„Европејците сметаат дека оддалечувањето од Америка е остварливо и, во некои земји, веќе е мнозински став. Од друга страна, зависноста од Кина ја гледаат како нужност, а обидите таа да се намали ги сметаат за нереални“, вели Себ Рајд, директор за истражување на јавното мислење во „Паблик фрст“.

Тој додава дека би било лош момент администрацијата на Трамп да ја принуди Европа да избира меѓу САД и Кина, бидејќи, според многу Европејци, „Америка е избор, а Кина е неопходност“.

Истражувањето покажува дека во Западна Европа САД повеќе не се доживуваат како сигурен сојузник.

Италија и Шпанија повеќе се наклонети кон Кина, при што Шпанија особено јасно, додека Франција и Германија остануваат неодлучни, со најголем број испитаници што одговориле дека не знаат кого би избрале.

Политико потсетува дека Трамп повеќепати ги навредуваше европските лидери, воведе еднострани царини за ЕУ, повлече американски војници од Европа и дури се закани со анексија на Гренланд, автономна територија во состав на Данска.

Истовремено, неколку европски лидери, меѓу кои шпанскиот премиер Педро Санчез и данската премиерка Мете Фредериксен, ја зголемиле својата популарност по конфронтациите со Трамп. Според Политико, дури и некои традиционални сојузници, како италијанската премиерка Џорџа Мелони, постепено се дистанцираат од американскиот претседател.

Сликата е поинаква во Источна Европа, каде што Полска, Литванија и Естонија и понатаму силно ги поддржуваат САД, гледајќи ги како гарант на безбедноста по Студената војна.

Во однос на Кина, анкетата покажува дека Европејците ја гледаат како економска реалност, а не како политички избор.

Во сите 24 земји, 38 проценти од испитаниците сметаат дека намалувањето на зависноста од Кина звучи добро, но е нереално. Тоа бил најчестиот став во сите држави освен во Шведска и Данска, каде што повеќе луѓе сметаат дека ЕУ треба активно да ја намали зависноста од кинеската економија.

Само 26 проценти од испитаниците сметаат дека таквото намалување е и можно и пожелно, додека 19 проценти оцениле дека Унијата воопшто не треба да се обидува да ја намали зависноста од Кина.

Анкетата покажува и дека Европејците ја гледаат Кина како идниот главен трговски партнер на Унијата. Дури 43 проценти очекуваат Кина да биде најважниот трговски партнер на Европа за десет години, додека само 27 проценти сметаат дека тоа ќе бидат САД.

Во 23 од 24 опфатени земји, повеќе испитаници предвиделе дека Кина ќе стане најважен трговски партнер на Европа, додека единствено во Литванија мнозинството смета дека таа улога ќе ја задржат САД.

Анкетата е спроведена од 6 до 22 јуни меѓу 23.970 полнолетни лица во 24 земји-членки на ЕУ, со околу 1.000 испитаници во секоја држава. Резултатите се статистички приспособени според возраста, полот, регионот и образованието на испитаниците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ