четврток, 2 јули 2026

Судија му нареди на Пентагон привремено да ја укине обврската новинарите да влегуваат само со придружба

Федерален судија му нареди на американското Министерство за одбрана привремено да ја укине обврската според која новинарите можат да влезат во Пентагон само во придружба на овластено лице.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Новинските агенции оценуваат дека станува збор за уште еден правен пораз за администрацијата на претседателот Доналд Трамп во нејзините обиди да го ограничи пристапот на медиумите до Пентагон.

Засега не е целосно јасно дали судската одлука се однесува само на „Њујорк тајмс“, кој ја поднесе тужбата, или на сите медиуми.

Окружниот судија Пол Фридман во Вашингтон оцени дека ваквата политика го прекршува Првиот амандман на Уставот на САД, кој ја гарантира слободата на говорот и печатот. Тој донесе привремена мерка со која се суспендира обврската за придружба, додека продолжува судската постапка што „Њујорк тајмс“ ја води против ограничувањата воведени од Министерството за одбрана.

Иако формулацијата во одлуката сугерира дека таа е насочена кон „Њујорк тајмс“, самата политика за задолжителна придружба важи за сите новинари.

„Њујорк тајмс“ во мај по вторпат за пет месеци го тужеше американското Министерство за одбрана. Овие тужби се дел од сè поголемите тензии меѓу американските медиуми и републиканската администрација, како во јавноста така и пред судовите.

Весникот ја поздрави судската одлука.

„Денешната внимателно образложена одлука уште еднаш ги потврдува правата од Првиот амандман новинарите да известуваат од Пентагон без ограничувања чија цел е јавноста да не дознае што прави војската“, изјави портпаролот на весникот, Чарли Штатландер.

„Судот утврди дека набрзина воведената нова политика на Пентагон претставува јасно кршење на Уставот“, додаде тој.

Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, соопшти на социјалната мрежа Икс дека Министерството за одбрана не се согласува со одлуката на судијата Фридман.

„Со оваа одлука се укинуваат разумни безбедносни мерки и ќе се олесни чувствителните или доверливи информации да стигнат до нашите непријатели“, изјави Парнел.

„Њујорк тајмс“ првата тужба ја поднесе во декември, поради правилата воведени од министерот за одбрана Пит Хегсет, со кои се ограничуваше пристапот на медиумите.

Политиката за задолжителна придружба беше воведена во март, откако судијата Фридман ги укина претходните ограничувања, оценувајќи дека ги прекршуваат правата на новинарот на „Њујорк тајмс“ Џулијан Барнс и на самиот весник.

Американската влада поднесе жалба на таа одлука и постапката сè уште е во тек.

„Њујорк тајмс“ и други медиуми го напуштија Пентагон во октомври, откако одбија да ги прифатат ограничувањата воведени од министерот Пит Хегсет. Тие и натаму известуваат за американската војска надвор од зградата, додека од самиот Пентагон сега известуваат новите медиуми одобрени од Министерството за одбрана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ