четврток, 2 јули 2026

Франција се бори со пожари по екстремниот топлински бран (ФОТО)

Пожарникарите се борат со пожарите што ги разгоруваат силните ветрови, додека властите предупредуваат на исушен терен, ниска влажност и можен нов бран екстремни температури.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за внатрешни работи Лоран Нунез изјави дека во трите пожари, од кои два избувнале на западниот раб на медитеранскиот пристаништен град Марсеј, изгореле вкупно 1.210 хектари.

Додека премиерот Себастијан Лекорни денеска попладне пристигна во Марсеј за да одржи нов кризен состанок за топлинскиот бран и пожарите, пожарникарите го известиле дека токму тогаш избувнал нов пожар кај градот Рокмор, во департманот Гар.

Лекорни, чија малцинска влада в понеделник ќе се соочи со гласање за недоверба во парламентот, кое го покренаа пратениците на Зелената партија поради нејзиното постапување за време на кризата предизвикана од топлинскиот бран, денеска изјави дека во Франција оваа сезона досега изгореле 8.700 хектари, вклучувајќи 1.200 само во средата, и дека се мобилизирани 2.000 пожарникари.

Светската метеоролошка организација минатата недела предупреди дека рекордните температури, кои на крајот на јуни повеќе од една недела ја гореа Западна Европа, ќе го зголемат ризикот од шумски пожари, со оглед на прогнозите за задржување на високите температури, многу ниската влажност на воздухот и сувата вегетација.

Најголемиот шумски пожар гореше во департманот Од, во близина на границата со Шпанија, каде што изгореле околу 900 хектари. Локалните власти соопштија дека силните ветрови им го отежнуваат гаснењето на пожарот на 800 пожарникари.

Во меѓувреме, пожарникарите гаснеа помал пожар во Роњак, во близина на аеродромот во Марсеј, и ставија под контрола уште еден пожар што зафати 260 хектари во Ланкон-Прованс. Локалните власти соопштија дека немало жртви.

Чадот се задржуваше над тоа подрачје, а пилотите на најмалку еден авион што слетуваше во градот ги уверуваа патниците дека мирисот не доаѓа од нивниот авион, изјави еден очевидец за Ројтерс.

Понатаму на исток, во Фрежис, летувалиште во департманот Вар, околу 35 километри од Кан, повеќе од 2.000 луѓе беа евакуирани во средата од шест кампа поради блискиот шумски пожар.

Француската метеоролошка служба предупреди дека нов бран екстремни горештини би можел да ја погоди земјата следната недела. Здравствените власти проценуваат дека претходниот топлински бран, за време на рекордните температури, можеби предизвикал најмалку 1.000 дополнителни смртни случаи во земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ