Американските власти отворија истрага поради сомнежи за перење пари и финансиски малверзации кои, според првичните информации, надминуваат 300 милиони долари.
Во рамките на истрагата, агенти на ФБИ заедно со обвинители од Министерството за правда на САД во Мајами разговарале со аргентинскиот бизнисмен Гиљермо Тофони. Неговото сведочење е дел од проверките поврзани со комерцијалните договори на АФА и паричните трансакции кои биле реализирани преку американски компании и банкарски институции.
Во САД во моментов престојува и првиот човек на АФА, Клаудио „Чики“ Тапија, кој е со аргентинската експедиција на Светското првенство. Тој веќе е под лупа и на аргентинските власти поради сомнежи за неправилности во управувањето со даночни и пензиски средства.
Според досегашните информации, против Тапија и АФА сè уште нема поднесено официјални обвиненија. Истрагата е во почетна фаза, а американските власти се обидуваат да ја утврдат целата финансиска шема и дали при трансакциите биле прекршени законите.
Аферата би можела да добие уште поголеми размери, бидејќи е побарано да се испита и работењето на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. Во барањето се споменуваат и сомнежи дека одредени судиски одлуки на Светското првенство биле донесени во корист на конкретни репрезентации.





