Целата постапка и резултатите од операцијата беа објавени на 8 јули во научното списание „Нејчр“, а во истражувањето учествуваа инженери и хирурзи од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.
Едната операција ја водеше хуманоиден робот со помош на хирург, додека другата ја извршија целосно два хуманоидни роботи, соопшти универзитетот. Роботите отстранија жолчно кесе од свињи, што е важен чекор пред истражувањето да премине на испитувања врз луѓе.
„Како доказ дека концептот е изводлив, сè функционираше“, изјави д-р Рајан Бродерик, директор на Центарот за иднината на хирургијата при Универзитетот во Калифорнија во Сан Диего, пренесува Еј-би-си њуз.
Хуманоидните роботи имаат глава и раце и се помали од повеќето хируршки роботи што денес се користат во болниците, а бараат и значително помалку простор. Истражувачите и лекарите им дадоа и прекар – „Серџи“.
„Ограничувањата во однос на просторот, кои постојат кај традиционалната роботска хирургија, овде не претставуваа проблем“, истакнува д-р Бродерик. „Роботот функционираше како асистент покрај пациентот, па природно се вклопи во просторот во кој вообичаено изведуваме лапароскопски операции.“
Лекарите и истражувачите се надеваат дека „Серџи“ во иднина ќе може да се користи и надвор од класичните болнички операциони сали.
„Можете да замислите како овој уред се користи на брод, во оддалечено село или во помала хируршка установа надвор од голем град“, забележува д-р Шанглај Лиу, хирург на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего. „Мислам дека отвора многу можности за подобар пристап до хируршка нега.“
Лекарите и истражувачите, исто така, сметаат дека „Серџи“ би можел да помогне во ублажувањето на недостигот од медицински персонал во болниците и да овозможи поголем број хируршки зафати во иднина.
„Верувам дека покажавме дека е можно да се користат хуманоидни роботи во операционата сала за извршување на вистински хируршки процедури кои еден ден би можеле да спасат човечки животи“, рече д-р Мајкл Јип, професор на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.





