„Станува збор за сериозен пример на политичко заробување на јавниот сервис, институција која им припаѓа на сите граѓани и се финансира со јавни средства. Изборот на лице кое не ги исполнува законските услови за работно и раководно искуство претставува директно кршење на законите и уште еден удар врз професионалноста и независноста на МРТ“, реагираат од ДУИ.
Од партијата наведуваат дека Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за административни службеници недвосмислено пропишуваат дека релевантното работно искуство се стекнува по завршување на соодветното образование, на работни места за кои се бара тоа ниво на квалификација. Истите закони предвидуваат најмалку осум години професионално искуство и четири години работно искуство на раководна функција. Во конкретниот случај, според ДУИ, овие законски критериуми очигледно се занемарени.
„Лицето избрано за заменик-директор со гласовите на членовите на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди во Програмскиот совет, првиот испит на високообразовна институција го положило во 2020 година, а дипломирало во 2024 година. Неговото претходно работно искуство е во трговија со текстил, без ниту еден ден работен стаж во новинарството.
ДУИ смета дека ова претставува опасен преседан и сериозен сигнал дека јавниот сервис се става под директна политичка контрола, наместо да ја исполнува својата законска улога како независен и професионален медиум во служба на јавниот интерес“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Инсистираат дека јавноста заслужува одговор на едно едноставно прашање: како е можно кандидат кој пред само еден месец не ги исполнувал законските услови, поради што конкурсот бил поништен, денес одеднаш да ги исполнува истите тие услови?
„Бараме од Државната комисија за спречување на корупцијата итно да отвори постапка и да го поништи ова незаконско именување. Воедно, го повикуваме Јавното обвинителство без одлагање да ја испита евентуалната кривична одговорност на членовите на Програмскиот совет кои го донеле ова решение.
Апелираме и до Здружението на новинарите на Македонија, Советот за етика во медиумите, како и до меѓународната заедница, да реагираат на ова очигледно нарушување на независноста на јавниот радиодифузен сервис.
МРТ мора да остане јавен сервис на граѓаните, а не инструмент на која било политичка партија“, порачуваат од ДУИ.
За заменик-директор на Македонската радио-телевизија (МРТ) е именуван Џулиан Шабани е именуван за заменик-директор на Македонската радио-телевизија (МРТ). Во неговата биографија се наведува дека има повеќе од две децении професионално искуство во медиумите, телевизиската продукција, комуникациите и менаџментот.

По образование е дипломиран на Факултетот за администрација и менаџмент, а има и магистерски студии по меѓународна комуникација, со што ги надополнил практичното искуство и академската подготовка во областа на медиумите.
На јавниот конкурс за избор на заменик-директор на МРТ се пријавиле осум кандидати, а програмата за работа на Шабани била оценета како најдобра, по што Програмскиот совет донел одлука тој да биде избран на функцијата.





