понеделник, 13 јули 2026

Бившиот адвокат на Епстин: Евреите во Њујорк се идиоти, не ја научија лекцијата од 1932 година

Еврејските гласачи што го поддржаа градоначалничкиот кандидат на Њујорк, Зохран Мамдани, се „идиоти“ бидејќи прифатиле кандидат што дејствува „спротивно на нивниот сопствен идентитет“, изјави професорот по право и произраелски адвокат Алан Дершовиц. Во гостување во емисијата на поранешниот градоначалник Руди Џулијани, Дершовиц ги спореди тие гласачи со Евреите што гласале за Хитлер, а за Мамдани рече дека треба да биде „градоначалник на Техеран“, објави Џерусалем пост.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Па тоа е вашиот град! Вашиот град, господине градоначалниче“, му рече Дершовиц на Џулијани. „Истиот град за истата функција ги избираше Руди Џулијани и Мамдани. Тоа е апсурд.“ Потоа продолжи со остра критика кон дел од еврејската заедница.

„Мојот народ, тие еврејски идиоти во Њујорк, кои живеат на Апер Вест Сајд и во Парк Слоуп, а гласаа за Мамдани, ме потсетуваат на 7.000-те Евреи што гласале за Хитлер.

Седум илјади Евреи основале партија во 1932 година и гласале за Хитлер, мислејќи дека ќе биде добар за економијата.“

Дершовиц заклучи:

„Фала му на Бога што имаме Американци со италијанско и ирско потекло и други Американци, кои имаат многу повеќе разум од многу американски Евреи.“

Џулијани накратко го прекина со коментар:

„Има многу Евреи што имаат многу цврст став за ова прашање.“

Двајцата се согласија дека Евреите што и по почетокот на војната продолжиле да ги поддржуваат нацистичките водачи „не се разбудиле ниту во 1932 година“.

Дершовиц потоа додаде:

„Човек би помислил дека ја научиле лекцијата, но не, тие гласаат за Бред Лендер.“

Лендер, кандидат со еврејско потекло што е критичар на Израел, е изборот на Мамдани за 10. конгресен округ на Њујорк, откако минатиот месец на внатрепартиските избори го победи досегашниот конгресмен Ден Голдман.

Џулијани, член на Републиканската партија, се претставуваше како градоначалник што бил бескомпромисен во борбата против криминалот, го преобразил Њујорк и го водел градот по терористичките напади на 11 септември.

Во меѓувреме, трајно му беше одземена адвокатската лиценца поради неговата улога во обидите да се поништат резултатите од претседателските избори во 2020 година во корист на Доналд Трамп.

И угледот на Дершовиц во последните години е под лупа поради неговите професионални врски со Џефри Епстин, покојниот финансиер и осуден сексуален престапник.

Дершовиц бил дел од правниот тим на Епстин и помогнал во преговорите за спогодбата за непокренување кривично гонење од 2008 година, со која Епстин добил значително поблага казна.

Подоцна се соочи со тужба за клевета поднесена од една од жртвите на Епстин, Вирџинија Џуфре, која во 2015 година тврдеше дека и Дершовиц сексуално ја злоставувал.

Џуфре во 2022 година ги повлече обвинувањата, наведувајќи дека „можеби згрешила“. Дершовиц ги негираше сите обвинувања и никогаш не беше обвинет во врска со тој случај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ