Дојавата во ТППЕ Велес била примена во 13:45 часот за запалено патничко моторно возило. По пристигнувањето на терен, пожарникарите утврдиле дека горела сува трева меѓу патот и паркингот, при што огнот зафатил и оштетил минимално шест паркирани возила.
На интервенцијата излегле едно противпожарно возило и тројца пожарникари. Со брзото дејствување тие успеале да го локализираат пожарот и да спречат негово проширување кон останатите возила.
Од ТППЕ Велес повторно упатија апел до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во услови на високи температури и сув вегетациски материјал.
Велешките пожарникари на својата Фејсбук-страница дополнително ги предупредија земјоделците од општините Велес, Чашка и Градско да не палат стрништа, а граѓаните да не палат сува трева, посочувајќи дека ваквите постапки во изминатиот период предизвикале повеќе пожари со последици по животната средина и објекти.
Последниот поголем пожар во велешкиот регион беше регистриран на 30 јуни, кога огнената стихија што започна над Велес, во близина на Штипската клучка и Градската комунална депонија, се прошири кон повеќе месности, меѓу кои „Трите Дола“, „Саботна Вода“ и „Сариер“, со приближување кон селото Мамутчево.
Во тој пожар беа опожарени повеќе хектари сува трева, лозја и ниска вегетација, а беа зафатени и викенд-куќи, соларни панели и други објекти.





