понеделник, 13 јули 2026

Над 10.000 дополнителни смртни случаи во Европа за време на топлинскиот бран во јуни

Европските земји пријавиле повеќе од 10.000 дополнителни смртни случаи за време на рекордниот топлински бран што го зафати западниот дел од континентот кон крајот на јуни, покажуваат официјалните податоци.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Огромното мнозинство – повеќе од 9.000 – биле лица на возраст од 65 години и постари, според податоците објавени од ЕуроМОМО, мрежа поддржана од Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Светската здравствена организација, пренесе Ројтерс.

Екстремните горештини можат да предизвикаат смрт поради топлински удар или да ги влошат кардиоваскуларните и респираторните заболувања, при што постарите лица се меѓу најранливите.

„Да се има ваков број дополнителни смртни случаи во овој период од годината е невообичаено. Бројката е навистина многу висока“, рекол за Ројтерс Ласе Вестергор, главен лекар во данскиот Државен институт за серуми, каде што е седиштето на ЕуроМОМО.

„Тешко е оваа висока дополнителна смртност да се објасни со нешто друго освен со екстремните горештини“, додаде Вестергор.

Научниците претходно оценија дека топлинскиот бран од крајот на јуни би бил „практично невозможен“ без климатските промени предизвикани од човекот, кои ги прават ваквите топлински бранови почести и поинтензивни.

Податоците, собрани од националните статистики за смртност во 27 европски земји, ги опфаќаат сите причини за смрт, а не само оние директно поврзани со жештините, во периодот од 22 до 28 јуни, кога топлинскиот бран го достигна својот врв во Франција, Шпанија, Велика Британија и други земји.

Научниците посочуваат дека не се познати други значајни фактори, како што се епидемии на ковид-19, кои би можеле да придонесат за скокот на 10.650 дополнителни смртни случаи во таа недела.

Во претходните осум недели, комбинираната смртност во истите европски земји во просек била околу 500 смртни случаи неделно под вообичаеното ниво. Од ЕуроМОМО напоменуваат дека податоците може да бидат ревидирани во наредните недели кога ќе пристигнат дополнителни информации.

Екстремниот топлински бран кон крајот на јуни предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија, затворање училишта и соборување температурни рекорди во Франција, Шпанија и Велика Британија.

ЕуроМОМО не објавува податоци за дополнителната смртност по поединечни земји, но наведува дека Франција и Белгија биле единствените две европски држави што во последната недела од јуни забележале „многу висока дополнителна смртност“.

Во Белгија, според националниот институт за јавно здравје Сциенсано, дополнителната смртност била највисока од почетокот на водењето на евиденцијата во 2000 година.

Посебна научна студија, објавена во понеделникот, проценува дека 2.700 луѓе починале од причини поврзани со горештините само во Англија и Велс за време на топлинските бранови во мај и јуни.

Од тие смртни случаи, 42 проценти биле последица на дополнителното затоплување што глобалното загревање го предизвикало кај топлинските бранови, покажува истражувањето на Империјал колеџ Лондон, Британската метеоролошка служба и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ