понеделник, 13 јули 2026

Археолозите открија гробница стара 3.000 години: Неверојатен објект со двор и капела (ФОТО)

Археолозите открија гробница стара 3.000 години во близина на градот Луксор во јужен Египет, соопштија властите на земјата, надевајќи се дека низата археолошки откритија ќе го поттикнат туризмот, пренесува денеска Фигаро.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Гробницата, која му припаѓала на човек по име Пасер, ја откри холандска археолошка мисија од Универзитетот во Лајден во тебанската некропола во областа Гурна, соопшти египетското Министерство за туризам и антиквитети.

Експертите веруваат, врз основа на препознатливиот уметнички стил на натписот, дека гробницата датира од периодот на Рамзесидите, кој ги опфаќа 19-тата и 20-тата династија.

Гробницата се наоѓа западно од веќе познатите гробишта и го следи традиционалниот распоред на тебанските приватни гробници од периодот на Новото Кралство, од 1570 до 1069 година пред нашата ера.

Зградата содржи отворен двор што води до капела врежана во карпата во форма на превртена буква „Т“, како и врежани гробни комори под неа.

Археолозите во дворот откриле неколку добро сочувани архитектонски елементи, меѓу кои клупа од непечена тула, наменета за поставување погребна стела, како и скалила со ограда што водат до влезот.

Во внатрешноста, натписите со името на Пасер го прикажуваат како им оддава почит на различни божества во светилиштата и како седи со својата сопруга пред маса со жртви за боговите.

Тимот што ги спроведе ископувањата изјави дека продолжува со својата работа на документација и истражување за да се утврди кој бил Пасер и подобро да се разбере тој историски и археолошки период.

Ова откритие во близина на Луксор, едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во светот, доаѓа во време кога Египет настојува да ги промовира новите откритија за да го поттикне туризмот, кој претставува витален извор на девизни приходи, наведува весникот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ