„Попладнево сум во Кочани со дел од мојот тим, лично да се информирам за сите детали и околности поврзани со настанот од петокот, кој сериозно ја наруши довербата во полициската служба. Бегството од полициската станица на лице познато на полициските служби е сериозен инцидент кој бара целосно расчистување на сите околности и преземање на соодветни мерки“, напиша Јанев на Фејсбук.
Тој порача дека ова е недозволиво и доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност.
„Внатрешната контрола, со поддршка на колегите од неколку централни оддели во БЈБ, веќе постапува и ги проверува сите околности и инволвирани лица. Секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран. Очекувам целосна професионалност и непристрасност во целиот процес. Локални шерифи нема да постојат. Никој кој свесно или несовесно дозволил нарушување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност“, нагласи Јанев.
Јанев изрази разочараност што повторно се случуваат настани кои ја нарушуваат довербата на јавноста и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници, особено во регионот за кој, како што рече, верувал дека ги извлекол потребните поуки од минатото.
„Искрено, особено за овој регион, мислев дека лекцијата е научена. Но, повторно се соочуваме со постапки кои ја нарушуваат довербата на граѓаните и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници. Во тек е темелна проверка и ќе следуваат јасни мерки за секој што го прекршил законот, процедурите или довербата што му е дадена. И граѓаните и јас сме разочарани од несовесното и неодговорно работење.
Пораката е јасна: законот мора да важи еднакво за сите. Криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување ќе сноси одговорност“, потенцира Јанев.





