понеделник, 13 јули 2026

По 118 години се укинува границата меѓу Шпанија и Гибралтар

Шилпи Чотрани секое работно утро со велосипед патува од својот дом во шпанскиот град Ла Линеа де ла Консепсион до Гибралтар. Иако патувањето е кратко, тоа подразбира преминување меѓународна граница. Гибралтар, британска прекуморска територија со околу 40.000 жители, има гранична контрола, која во утринските и попладневните часови создава долги редици за околу 15.000 Шпанци што работат таму.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Но, задутре таа граница ќе биде укината, со што по 118 години ќе се овозможи слободно движење меѓу Шпанија и Гибралтар, објави Би-би-си.

„Смешно е што воопшто постои граница меѓу нас. Мислам дека луѓето од едното и другото место не треба да ги разделува ограда“, вели Чотрани, која работи во секторот за човечки ресурси во гибралтарска компанија за бродски и туристички услуги.

„Ова ќе биде голем чекор напред, и за шпанската и за британската страна. Сите ние што живееме во Ла Линеа мислиме дека ова е одлична идеја. Требаше да се случи многу порано“, додава таа.

Додека Гибралтар има еден од највисоките приходи по жител во светот, Ла Линеа де ла Консепсион и околината се меѓу најсиромашните делови на Шпанија, со невработеност од речиси 30 проценти.

Се очекува укинувањето на границата да донесе значителни економски придобивки и да го олесни движењето на луѓето во двата правци.

„Ова е историски момент. Граничната ограда постои од 1908 година“, изјави градоначалникот на Ла Линеа, Хуан Франко, нагласувајќи ја економската зависност на градот од британската територија.

„Мора да разберете дека кај една просечна компанија во овој град една третина од приходите доаѓаат од клиенти од Гибралтар.“

По повеќе години неизвесност, Франко смета дека „ова решение за брегзитот на крај ќе има позитивен ефект“.

Укинувањето на границата е дел од договорот меѓу Европската Унија и Велика Британија по брегзитот.

Жителите на Гибралтар силно се спротивставија на излегувањето од Европската Унија. На референдумот во 2016 година, 96 проценти гласаа за останување, делумно поради стравувањата дека брегзитот ќе ги засили шпанските барања за суверенитет, но и поради загриженоста дека ќе се нарушат блиските трговски односи со Европската Унија.

По повеќегодишни преговори, решението беше пронајдено со усогласување на Гибралтар со Царинската унија на Европската Унија и со Шенген-зоната.

Тоа значи дека патниците што доаѓаат од земји надвор од Шенген, како што е Велика Британија, ќе треба да покажат пасоши пред гибралтарските и шпанските службеници на аеродромот и во пристаништето.

Главниот министер на Гибралтар, Фабијан Пикардо, изјави дека новите правила претставуваат „огромна промена“.

„Една од работите што ги одбележуваше последните осум генерации жители на Гибралтар беа ограничувањата на границата“, изјави тој за Би-би-си.

Пикардо договорот го опиша како воспоставување „целосно и апсолутно слободен проток на луѓе и стоки“ меѓу Гибралтар, Шпанија и Европската Унија.

Според него, најголемата економска придобивка ќе биде зголемувањето на бројот на посетителите.

„Компаниите во Гибралтар сега ќе можат да забележат пораст на бројот на посетителите, без тие да бидат ограничени од можните редици при влез или излез“, рече тој.

Прашањето за суверенитетот повремено предизвикуваше тензии, а најпознат пример е блокадата што во 1969 година ја воведе шпанскиот диктатор Франсиско Франко, која беше укината дури во 1982 година.

Пикардо новиот договор го опиша како целосна спротивност на таа блокада.

„Ова ќе биде огромен чекор за меѓучовечките односи, бизнисот и прекуграничните работници. Ќе биде нова ера во односите меѓу Гибралтар, Шпанија и Европската Унија“, изјави тој.

Слична оценка даде и шпанскиот министер за надворешни работи, Хосе Мануел Албарес, кој зборуваше за „нова ера“.

Сепак, договорот предвидува стоката што се продава во Гибралтар да биде усогласена со прописите на Европската Унија.

Бидејќи таму нема данок на додадена вредност, воведен е нов данок на трансакции што ги заменува увозните царини.

Тој ќе се наплаќа за целата стока, почнувајќи од 15 проценти оваа година, а постепено ќе се зголеми на 17 проценти.

Џон Исола, директор на компанија што управува со неколку ресторани и барови, изјави дека во деловната заедница владее олеснување затоа што прашањето за брегзитот конечно е решено без воспоставување тврда граница и дека новиот договор претставува „добар компромис“.

Сепак, Исола признава дека постои загриженост поради новите прописи и даноци што ќе влијаат врз конкурентноста.

„За секој што увезува стока, ситуацијата целосно се менува во однос на документацијата што ќе мора да ја подготви за влез на стоката“, рече тој.

Тој смета дека новите барања за усогласување со стандардите на Европската Унија се „предизвик за секој што увезува стока од Велика Британија или од која било друга земја надвор од Европската Унија“.

Жителите на Гибралтар и Ла Линеа имаа доволно време да се навикнат на идејата за новиот договор, кој сè уште треба да биде одобрен од британскиот и од Европскиот парламент.

Во последните недели машините секоја ноќ ја уриваа граничната ограда во подготовка за 15 јули.

По повеќе од еден век исполнет со политички и дипломатски тензии, територијата што е под британска власт уште од Утрехтскиот мировен договор во 1713 година наскоро ќе ја започне најновата етапа од својата историја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ