понеделник, 13 јули 2026

Основана Кинеско-македонска стопанска комора: Стабилните меѓудржавни односи добиваат своја практична димензија

Се отвора ново поглавје во пријателството и економската соработка меѓу Република Македонија и Народна Република Кина. Од денеска и официјлано почнува да функционира Кинеско-македонската стопанска комора, чии основачи се компании од различни сектори: градежништво, енергетиката, туризам, винарство,… Целта на комората е преку јакнење на деловните врски, да се зголеми извозот на македонски производи на кинескиот пазар, како и кинеските бизниси да ги истражат можностите за инвестиции во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Како што беше речено на настанот по повод основањето на комората, засега најголем потенцијал за соработка има во туризмот, енергетиката и производството на електрични автомобили.

Македонија моментно во Кина извезува вино, но на кинескиот пазар се добро прифатени и мермерот и тутунот. Кај кинеските потрошувачи постои интерес за домашни, македонски традиционални производи како ајварот и различните видови макала.

„Идејата за основање на оваа комора произлезе од една едноставна, но значајна визија – да создадеме силна и одржлива платформа која ќе ги поврзува бизнисите од Кина и Македонија, ќе ја поттикнува трговијата и инвестициите и ќе отвора нови можности за соработка и партнерство. Денес таа визија стана реалност. Денешниот ден не го означува само почетокот на работата на Кинеско-македонската стопанска комора, туку и отворање ново поглавје во пријателството и економската соработка меѓу нашите две земји“, истакна претседателот на Кинеско-македонската стопанска комора, Жаолонг Шао.

Според Хе Бингхуа, економски и трговски советник во амбасадата на Кина во Македонијa, изминатите години традиционалното пријателство меѓу двете земји постојано се продлабочува, а економската и трговската соработка бележат позитивен развој.

„Сѐ поголем број македонски компании ја препознаваат Кина како важен партнер, што сведочи за широките перспективи за понатамошно унапредување на билатералната економска соработка. Основањето на комората создава попрофесионална и поефикасна платформа за размена и соработка меѓу деловните заедници на Кина и Македонија. Искрено се надевам дека комората ќе остане посветена на интересите на своите членови, на поддршката на компаниите и на унапредувањето на билатералната соработка. Верувам дека таа целосно ќе ја исполни својата улога како мост меѓу деловните заедници, ќе им помогне на компаниите да ги искористат новите можности, да го прошират просторот за соработка и дополнително да го унапредат нивото на економската и трговската соработка меѓу нашите две земји“, потенцира Бингхуа.

Марјан Јовчевски, извршен директор на КТМ Енерџи Солушн (KTM Energy Solutions) која е една од компаниите основачи на комората, смета дека бенефити од коморската соработка може да има на краток, среден и долг рок.

„Очекувам многу повеќе инвестиции и туристи. На краток рок, нам ни требаат туристи, практично Охрид ни е два-три месеца полн, а другите девет месеци е полупразен. Така би го наполниле и Охрид и Скопје, главниот град, нормално и другите градови, наши други туристички капацитети со оглед дека тука имаме голем потенцијал. Кина во моментов креира нова генерација луѓе кои сакаат да патуваат и да шетаат и кои се стабилни финансиски. Македонија е дестинација што сакаат да ја видат. Тоа е на краток рок. На среден рок, јас би бил многу среќен ако гледам во иднина како се извезуваат полни контејнери од Македонија со некаква стока во Кина. Покрај виното, кое традиционално го извезуваме во Кина, многу македонски прехранбени производи се прифатени, па нивната продажба таму може да се зголеми. Има многу заинтересирани потрошувачи кои ја конзумираат македонската храна и ја прифаќаат“, рече Јовчевски.

На долг рок, додаде, фокусот би бил на енергетиката и на произвдоството на електрични автомобили.

„Во моментов имам информација од техничко-индустриските зони, дека се извезуваат делови за електрични автомобили, меѓутоа сè уште  немаме готов производ, немаме електричен автомобил што ќе биде македонски и што ќе биде подоцна извозно ориентиран кон Европа или балканските земји. Јас таму ја гледам иднината, но и во енергетиката. Кина во моментов има многу голем инженеринг околу проектите за обновливи извори. Нашата влада може да бара партнер што ќе ги изгради Чебрен и Галиште. Нормално, ќе се најде начин како да се финансира, бидејќи многу македонски компании сакаат да инвестираат во енергетиката. Не мора да биде тоа секојпат традиционално, како досега што функционираме – да сакаме сами да инвестираме и тоа да биде наша сопственост. Може да биде и некоја партнерска сопственост од типот на акционерско друштво, за да направиме поголем енергетски сектор. За Чебрен и Галиште долги години зборуваме, а тоа може со многу сериозен партнер од Кина да се заврши многу брзо“, истакна Јовчевски.

Негова оценка е дека Македонија и во однос на производите, има што да и понуди на Кина.

„Кинезите сакаат македонски ајвар, макала. Сигурно има што да се понуди, некои конзервни производи. Кина е огромен пазар, тое се луѓе кои сакаат постојано нешто да истражуваат, само треба добро да се спакува. Навистина, има простор за соработка“, рече Јовчевски.

Извршната директорка на Кинеско-македонската стопанска комора, Рената Пенчова потсети дека засега во Кина извезуваме македонско вино.

„Но, македонските производи се добро прифатени на кинескиот пазар, не само виното, туку и мермерот, тутунот. Кинеските бизнисмени се секако отворени за соработка и би сакале да ги видат и останатите можности за извоз и на други производи“, потенцира Пенчова.

На настанот присуствуваше и вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски, според кој, основањето на Кинеско-македонската стопанска комора е значаен исчекор во унапредувањето на економските односи меѓу двете земји.

„Денес не го правиме само првиот чекор. Поставуваме цврсти темели за уште посилно институционално, економско и пријателско партнерство меѓу Република Македонија и Народна Република Кина. Основањето на оваа комора е потврда дека стабилните меѓудржавни односи добиваат своја практична димензија преку институции кои ги поврзуваат луѓето, компаниите и идеите. Токму ваквите институционални мостови создаваат доверба, ја олеснуваат комуникацијата и отвораат простор за нови економски можности. Како Влада остануваме цврсто посветени на градење ефикасни институции, владеење на правото, правна сигурност и транспарентност. Тоа се темелите врз кои се гради секоја успешна економија и предуслов за привлекување нови инвестиции и развој на конкурентно стопанство. Убеден сум дека Кинеско-македонската стопанска комора ќе стане значаен партнер во продлабочувањето на економската соработка, ќе придонесе за поврзување на деловните заедници, ќе го поттикне трансферот на знаење и технологии и ќе создаде нови можности за инвестиции, трговија и заеднички развој“, истакна Димовски.

Како што напомена, огромна улога во овој развој ќе има и неодамна воведениот безвизен режим, кој веќе ги отстранува административните бариери и овозможува македонските менаџери и инвеститори да соработуваат директно и без одложување.

„Живееме во време кога економската дипломатија има сè поголемо значење. Затоа, секоја иницијатива што ги доближува институциите и бизнис-заедниците претставува инвестиција во стабилноста, довербата и идниот просперитет. Уверен сум дека оваа комора ќе биде место каде што ќе се создаваат нови партнерства, ќе се разменуваат искуства и ќе се градат долгорочни односи засновани на заемно почитување, еднаквост и заеднички интерес“, подвлече вицепремиерот Димовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ