„За време на петчасовната мисија, американските сили успешно погодија воени цели низ Иран, вклучувајќи ги Бушер, Шахбахар, Јаск, Конарак, Абу Муса и Бандар Абас“, објави Централната команда на САД (Центком) во соопштение на платформата Икс.
САД започнаа нови напади рано во вторник по европско време, што претставува нова ескалација меѓу двете страни во време кога американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека договор со Техеран е сè уште „можен“.
— U.S. Central Command (@CENTCOM) July 14, 2026
Центком претходно соопшти дека војската започнала „трета ноќ по ред напади врз Иран“, откако Трамп објави дека САД „ќе го погодат Иран многу силно вечерва“.
Републиканецот во радио интервју рече дека иранското раководство „не може да направи апсолутно ништо“ против нападите.
„Тие немаат ништо на своја страна освен своите големи зборови“, рече американскиот претседател.
Белата куќа потврди дека тој официјално го известил Конгресот минатата недела за продолжување на војната со Иран.
Во вторник, Обединетите Арапски Емирати објавија ирански ракетни напади врз два нивни танкери во Ормускиот Теснец, при што загина еден член на екипажот.
Трамп претходно на својата социјална мрежа објави Трут соушл дека САД ќе ја преземат контролата врз овој клучен морски премин и дека ќе се воспостави повторно блокада на иранските пристаништа, пишува Франс прес.
Американската војска објави дека блокадата ќе стапи на сила во вторник во 22 часот по централноевропско време, додаде француската агенција.
Трамп објави дека, исто како што Техеран сака да воведе такси за премин низ Ормускиот Теснец, САД ќе воведат цена од „20 проценти од вредноста на товарот“.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, му одговори на платформата Икс, велејќи дека Иран „отсекогаш бил чувар на теснецот и ќе остане тоа засекогаш“.
Трамп е „апсолутно во право“, продолжи иранскиот министер за надворешни работи.
„Кој и да осигурува безбеден и непречен премин на трговските бродови во Ормускиот теснец, треба да биде платен.“
„20 проценти е очигледно премногу. Ние ќе бидеме фер“, заклучи Аракчи.





