вторник, 14 јули 2026

Украина погоди две руски рафинерии за нафта во Башкортостан и Краснодар

Пожари избувнаа во две руски рафинерии за нафта откако украински беспилотни летала ги нападнаа рано утрово, соопштија локалните власти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во руската република Башкортостан, регионалниот лидер Радиј Хабиров изјави дека над индустриската зона во градот Салават се издигнувал чад откако остатоци од беспилотно летало паднале на земја. Тој рече дека нема повредени, но не соопшти дополнителни детали.

Во Салават, кој се наоѓа околу 1.300 километри источно од руската граница со Украина, се наоѓа рафинеријата „Нефтехим Салават“, управувана од „Газпром“, една од најголемите руски рафинерии и петрохемиски комплекси.

Според независни медиуми, во нападот бил погоден и склад за гориво на компанијата „Роснефт“ во Салават.

Во јужниот Краснодарски крај, локалните власти соопштија дека избувнал пожар во рафинеријата „Афипски“, која повеќепати беше цел на напади од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Подоцна властите во Краснодар соопштија дека пожарникарите го изгаснале пожарот. Во нападот биле повредени најмалку две лица.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во периодот меѓу понеделникот навечер и вторникот наутро пресретнало 288 украински беспилотни летала над територијата на Русија и анектираниот Крим.

Во анектираниот Крим, властите поставени од Кремљ соопштија дека украински напад врз енергетски објекти предизвикал делумен прекин на снабдувањето со електрична енергија во пристанишниот град Севастопол.

Во Крим и натаму е во сила вонредна состојба по претходните украински напади врз енергетската инфраструктура минатиот месец.

Во меѓувреме, лидерот поставен од Кремљ во делумно окупираниот Доњецки регион соопшти доцна во понеделникот дека во украински напади со беспилотни летала загинале осум лица, меѓу кои и четиричлено семејство.

Во последните месеци Украина изврши напади врз поголем дел од руските рафинерии за нафта, што доведе до сериозен недостиг од бензин во некои делови од земјата. Повеќето руски региони од почетокот на јуни воведоа мерки за штедење на горивото за да обезбедат снабдување на домашниот пазар.

Според Ројтерс, рафинеријата за нафта во Сизран, на реката Волга, ја запрела работата по украински напад со беспилотни летала на 12 јули, при кој бил оштетен примарниот погон за преработка на нафта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ