вторник, 14 јули 2026

Украина го отвори вториот од шест преговарачки кластери со Европската Унија

Украина го отвори вториот од шесте тематски преговарачки кластери со ЕУ, кои ги опфаќаат 35-те пристапни поглавја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Украина денеска во Брисел го отвори вториот од вкупно шесте преговарачки кластери, правејќи нов чекор кон полноправно членство во Европската Унија.

Шесте кластери ги опфаќаат реформите што Киев треба да ги спроведе за целосно да се усогласи со правниот и политичкиот систем на ЕУ. Украина првиот кластер, кој се однесува на владеењето на правото и демократијата, го отвори на 15 јуни.

Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека денеска отворениот Кластер 6 ги опфаќа надворешните односи, одбраната и спротивставувањето на хибридните закани.

„Двете земји ќе придонесат за европската безбедносна архитектура“, изјави Кос непосредно пред свеченото отворање, мислејќи на Украина и Молдавија, која исто така денеска го отвори истиот кластер.

На Украина ѝ преостанува да отвори уште четири кластери, кои ги опфаќаат економската политика, животната средина, земјоделството и транспортот. Напредокот во овие области би можел да биде потежок, бидејќи дел од земјите-членки стравуваат од украинската конкуренција.

И покрај тоа, вицепремиерот за европска и евроатлантска интеграција Тарас Качка изјави дека пристапниот процес се одвива без застои.

„Процесот на пристапување на Украина се одвива без никакви застои и не гледаме поголеми пречки“, рече Качка.

Засега не е познато кога ќе бидат отворени преостанатите четири кластери. Марта Кос изјави дека Европската комисија смета оти сè е подготвено тие да бидат отворени што е можно побрзо, но додаде дека динамиката ќе зависи од ирското претседателство со Советот на ЕУ и од земјите-членки.

„Дури и ако треба малку да почекаме, техничката работа продолжува“, изјави Кос, додавајќи дека очекува новата украинска влада да даде дополнителен поттик за исполнување на обврските кон Унијата.

Покрај отворањето на нови кластери со Украина и Молдавија, Европската Унија денеска забележа напредок и во преговорите со Црна Гора и Албанија.

Црна Гора привремено ги затвори преговарачките поглавја 8 (политика на конкуренција) и 29 (царинска унија), со што вкупниот број на привремено затворените поглавја се искачи на 18 од 33. Земјата ги има отворено сите преговарачки поглавја и останува најнапредниот кандидат за членство во ЕУ меѓу земјите од Западен Балкан.

Албанија, пак, привремено ги затвори своите први три преговарачки поглавја – 25 (наука и истражување), 26 (образование и култура) и 30 (надворешни односи). Тоа е првпат земјата да затвори поглавја во пристапните преговори со ЕУ, што Брисел го оценува како значаен чекор во процесот на проширување.

Македонија сѐ уште нема отворено ниеден кластер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ