За судија на Вишиот управен суд е избрана Едита Насковска, досегашен судија во Управниот суд.
Советот донесе одлука и за избор на шест судии во Апелациониот суд Штип, од кои тројца за граѓанска и тројца за кривична област.
Во граѓанската област за судии во Апелациониот суд Штип се избрани Маја Џорлева, Александар Цацков и Мери Гичева, сите досегашни судии во Основниот суд Штип.
Во кривичната област се избрани Цона Каламерникова, судија во Основниот суд Струмица, како и Јулијана Неткова и Сашко Георгиев, судии во Основниот суд Штип. Георгиев е поранешен член и претседател на Судскиот совет.
На седницата беше усвоен и записникот од 544-та седница на Судскиот совет, одржана на 20 мај годинава.
Точката која се однесува на одлучување по барање за право на надоместок на трошоци поврзани со вршењето на судиската функција беше одложена за наредна седница, со образложение дека претходно треба да ја разгледа Судско-буџетскиот совет.
По паузата, седницата треба да продолжи со разгледување и усвојување на извештај по огласот за избор на судија во Основниот суд Струга, како и со расправа по повеќе претставки и поплаки поднесени од граѓани и правни лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите.





