Авторите на анализата посочуваат дека правната сигурност, како дел од владеењето на правото, подразбира граѓаните да имаат можност да се запознаат со законите и прописите што ги регулираат нивните права и обврски.
„Правната сигурност, како елемент на владеењето на правото, подразбира пристап до законодавството“, се наведува во документот, при што се поставува прашањето дали сите законски акти се објавуваат пред да стапат во сила и дали се лесно достапни, бесплатно преку интернет и/или во службен билтен.
7.000 денари за електронски пристап, над 16.000 денари за печатено издание
Според анализата, Службен весник се издава во печатена и електронска форма, но пристапот до тековните изданија не е целосно бесплатен.
За електронското издание годишната претплата изнесува 7.000 денари по корисник, додека годишната претплата за печатено издание изнесува 16.650 денари.
„Веб страницата на Службениот весник содржи преглед на сите изданија по години, меѓутоа пристапот е бесплатен само за изданијата од изминатите години, а за пристап до изданијата за тековната година потребна е претплата“, велат од ЦУП.
Во документот се посочува дека објавувањето на законите и другите прописи е дејност од јавен интерес, која ја врши Јавното претпријатие (ЈП) Службен весник.
Авторите укажуваат дека државата има обврска да обезбеди граѓаните бесплатно да можат да се запознаат со прописите што ги определуваат нивните права, обврски и забрани.
„Граѓаните (физичките и правните лица) не треба да плаќаат ниту еден денар за да се запознаат со општите правните прописи на државата, а со тоа и за нивните права и обврски, бидејќи државата има обврска да ги запознае граѓаните со овие прописи!“, препорачуваат авторите на документот.
Анализата го отвора и прашањето за транспарентноста на самото јавно претпријатие. Според авторите, иако основната функција на Службен весник е обезбедување достапност на правните прописи, дел од документите што го регулираат неговото работење не се јавно достапни.
„Статутот на ЈП Службен весник не е објавен на нивната веб страница, што доволно зборува за нетранспарентноста на ова јавно претпријатие, иако основната цел на неговото постоење и функционирање е токму општите правни прописи, како што е нивниот статут, да бидат јавни“, додаваат од ЦУП.
Законите да бидат достапни бесплатно
Според анализата, граѓаните мора да имаат можност бесплатно да ги следат правилата според кои функционира државата.
„Не може да се интерпретира дека е дозволено наплаќање пристап до Службениот весник, бидејќи пристапот до Службениот весник претставува право на граѓаните и гаранција за заштита на слободите и правата и како таков не смее да биде ограничен со претплата“, се наведува во документот на ЦУП.
Авторите на документот прават и споредба со повеќе европски држави и посочуваат дека во голем број земји службените гласила се бесплатно достапни преку интернет. Меѓу примерите се Хрватска, Словенија, Германија, Франција, Бугарија, Италија и Австрија, каде што граѓаните имаат бесплатен електронски пристап до законодавството. Авторите оценуваат дека дигитализацијата дополнително ја намалува потребата законите да бидат предмет на комерцијален пристап.
„Не можеме да зборуваме за владеење на правото кога граѓаните имаат ограничен пристап до општите правни прописи на државата, а оваа апсурдна состојба е показател за ниската правна и политичка култура во државата“, велат од ЦУП.
Како решение, документот предлага измени на Законот за објавување на општите правни прописи, со кои би се утврдило дека пристапот до законите, прописите и јавните огласи не може да биде предмет на наплата.
„Многу посуштинска измена ќе биде доколку се пропише дека пристапот до законите, другите општи прописи и јавните огласи не може да биде предмет на наплата и мора непречено да бидат јавно достапни“, децидни се од ЦУП.
Според авторите, Собранието, Владата и Јавното претпријатие, Службен весник треба да обезбедат систем во кој секој граѓанин ќе може слободно и бесплатно да ги прочита законите што го обврзуваат.
И.О.





