Пред педесет години во Европа таква фигура беше Крешимир Ќосиќ, пред триесет – Тони Кукоч. Во НБА, пред 50 години тоа беше Карим Абдул-Џабар со неговиот небесен хорог, пред 30 – Мајкл Џордан кој популарноста на кошарката ја крена на глобално ниво. Денес, кошаркарскиот свет е сведок на нова спортска еволутивна аномалија со име Виктор Вембањама.
По изборот на драфтот 2023-та како прв пик на Сан Антонио Спарс, Адам Силвер го опиша Вембењама како „вонземјанин“. И тоа не е еден од генијалните маркетиншки трикови на Комесарот на лигата, туку признание дека НБА, секако најсовршениот кошаркарски систем на планетата, со Вембањама влегува во нова „светлосна“ ера. Годинава, веќе трета сезона по ред, сведочиме за играч кој практично не би требало да постои. Со височина од 224 цм и распон на раце од 244 цм, во сопствениот рекет е „страшило“ за противниците. Со чекор во трк со должина од 260 цм, со кој од линијата за три поени до кошот пристигнува за 1,8 секунди, во нападот е незапирлив. Притоа сето ова го прави движејќи се со балетанска грациозност.
Но, кај Вемби ништо не е случајно. Неговиот талент не е само производ на негова и стручна тренерска напорна работа, туку и на неверојатен генетски инженеринг. Роден е во Ле Шене, предградие на Париз, и потекнува од семејство на спортисти каде движењето и координацијата биле наследство на генерации. Неговиот татко, Феликс, висок 198 цм, е поранешен атлетичар во дисциплините скок во далечина и троскок. Од него Вемби го наследил неверојатното чувство за тајминг, одраз и рамнотежа. Неговата мајка, Елоди Де Фетеро, висока 191 цм, е поранешна кошаркарка и тренер. Нејзиното влијание и брзиот раст се заслужни што Вемби реши да се посвети на кошарката. Мајка му прва го научила на основите на играта и инсистирала тој да не биде само „височко дете под кошот“, туку играч со комплетни вештини, да води топка, да дрибла, да додава, да шутира од далечина. Но, неговите спортски и кошаркарски корени не достигнуваат само до родителите. Неговите баба и дедо биле кошаркари. Дедо му, Мишел де Фотеро, висок 201 цм, крилен центар на ПУЦ (Paris Univerzity Club), со години настапувал во првата француска лига, а баба му, Мари-Кристин де Фотеро, исто така имала долга кариера, но на аматерско ново. Патем, и неговата сестра Ив, висока 185 цм, е кошаркарка и настaпува како професионалец во полскиот прволигашки тим Заглебје Сосновјец. Интересен спортски детал од неговото детство е дека Виктор кратко време тренирал фудбал како голман и џудо, што секако се одразило и допринело за дисциплината, рефлексите и координацијата.

Во американските универзитетски лиги кошаркарските таленти инсистираат на индивидуална статистика која полесно ќе им го отвори патот до НБА договор. Во Европа тоа не е случај. Играчите се подредени на екипата, тренерот и тимскиот успех. Во таа смисла се развива и кариерата на Вембањама што ја започна во Нантер, во француската Про А лига, како 15-годишен тинејџер. Една година подоцна настапуваше за АСВЕЛ Вилербан, тимот на Тони Паркер, со кој ја освои националната титула, но вистинскиот пресврт настапи кога го напушти евролигашот АСВЕЛ за да му се приклучи на Метрополитанс 92 под водство на селекторот на Франција, Винсент Коле. Искусниот тренер му ја даде лидерската улога во тимот, а тој му возврати со титулите за најдобар стрелец, скокач и блокер на првенството, земајќи ги и трофеите за најдобар дефанзивец и најдобар млад играч.
Америка почна да обрнува поголемо внимание на него во октомври 2022 година, кога неговиот тим одигра два егзибициски натпревара во Лас Вегас против Г-лигашот Инајт. Неговиот настап таму им ги отвори очите на сите НБА скаути, а повеќето од нив изјавија дека го виделе „најголемиот талент во историјата на тимските спортови“.
Доаѓањето во Сан Антонио Спарс, кај Грег Попович, за Вембањама беше убедливо најдоброто сценарио. Уште во првата сезона испорача една од статистички најимпресивните дебитантски сезони во историјата. Со просек од преку 21 поен, 10 скока и неверојатни 3,6 блокади по натпревар, беше дебитант на годината и првиот играч во историјата со 1.500+ поени, 250+ блокади и 100+ тројки во една сезона. Во својата втора година, Вембањама престана да биде само атракција и стана „страв и трепет“ за противничките тимови. Неговиот дефанзивен ефект прерасна во психолошки, а кај некој од директните чувари и во фобија. Играчите се откажуваат од чисти положувања штом ќе ја видат неговата сенка во рекетот. Нападот му стана порафиниран, со подобра селекција на шут и зголемена улога на асистент. Годинава го одведе својот тим во финалето на западната конференција, со сериозни шанси да се пласира во НБА финалето. Дуелот со Оклахома за Спарси e еден вид финале пред финалето.
Досега во својата нецела тригодишна НБА кариера дојде до грст индивидулани признанија: 2024 – едногласно прогласен за дебитант на годината, три сезони по ред 2024-26 – најдобар дефанзивец на лигата, а годинава, за прв пат во 43 години, откако во 1982/82 почна да се доделува оваа титула, стана едногласен носител на оваа награда со сите 100 можни гласа во негова корист. Во последните две години е учесник и на Ол Стар натпреварот.
Нема сомнение дека Виктор Вембањама е иден член на кошаркарската „сала на славните“ (Hall of fame). Тој ги има сите неопходни физички, интелектуални и карактерни услови да остави неизбришлив траг во кошаркарскиот свет. Во моментов, тој е единствениот кошаркар во светот кој може да претендира на повеќекратни квадрипл-дабл (quadriple-double) натпревари со поени, скокови, асистенции и блокади. Од 1973-та кога официјално започна да се води оваа евиденција, во 53 години само 4 кошаркари оствариле ваков учинок и тоа само по еднаш во нивните кариери: Нејт Тармонд, Алвин Робертсон, Хаким Олајџувон и Дејвид Робинсон. Нема сомнеж дека наскоро Вембањама ќе биде дел од овој елитен список, со потенцијал тоа да го стори на повеќе од еден натпревар. Вемби има потенцијал да биде поусовршена верзија на новата позиција во кошарката што ја промовира Никола Јокиќ – Плеј Центар (Point Center). Со таа височина, раце како весла, спортска интелигенција и амбиција, Вембањама е вистинско кошаркарско чудо и играч за кој вреди да се човек да плати да го гледа.

Виктор Вембањама сеуште е врзан со својот четиригодишен дебитантски договор со Сан Антонио со вкупен износ од приближно 55,2 милиони долари. Годинава неговата платa изнесува 13,3, а догодина ќе биде 16,8 милиони. Но тоа што е интересно од финансиски аспект е дека Вемби може да биде првиот играч што низ својата кариера може да заработи над 1 милијарда долари само од клупски договори. Летово тој има можност да потпише продолжување на договорот кој би стапил на сила од сезоната 2027/28. Благодарение на неговите индивидуални признанија би можел да бара максимален процент од 30% од селари-капот (Salary Cap).
Новиот договор за ТВ права што го потпиша НБА, предвидува раст на платежната граница за максимални 10% годишно, со што според проекциите, за сезоната 2027/28 тој лимит може да изнесува 187 милиони долари. Доколку потпише 5-годишно продолжување со максимални годишни покачувања од 8%, Вембањама може да очекува дека на крајот на сезоната 2031/32 ќе биде побогат за 325,4 милиони долари. Почнувајќи со 56,1 милиони во 2027/28, па се до 74 милиони на крајот од 2032. Ова би бил убедливо најскапиот договор за играч од негова возраст бидејќи никогаш претходно кошаркар кој излегува од својот дебитантски договор не бил во позиција да ја префрли границата од 300 милиони долари.
Со тој договор Вемби просечно би заработувал околу 65 милиони по сезона или приближно 792.000 од натпревар, за 82 натпревари во регуларен дел. Тоа се 16.500 УСД од минута или 275 УСД од секунда помината на теренот. И тоа ако ги игра сите натпревари од почеток до крај. Ако не, секоја секунда е поскапа. Вембањама досега исполни два од трите услови за да дојде до ваков супермакс договор. Беше избран за член на најдобрата петорка на првенството, беше избран за дефанзивец на годината и останува уште да го освои трофејот за МВП на сезоната. Годинава е во игра за тоа признание, но доколку годинава не успее, има уште една сезона од својот прв НБА договор.
Љубомир Николовски











