Следната средба ќе се одржи на американска територија, а во предвечерјето на Генералното собрание на ОН на кое кинескиот претседател Си Џинпинг планира да се обрати. Деновиве имаше наплив на написи со антиципација како ќе мине средбата, а сега уште повеќе анализи: како минала, кој победил, какви пораки биле разменети, и дали е нешто воопшто договорено.
Во однос на првиот впечаток, апсолутно се согласувам со проф. Џефри Сакс кому, исто така, очигледно му олеснило кога видел пристојно однесување од неговиот претседател (civility беше зборот што најмногу го употреби на поткастот на Judge Napolitano). Од непредвидливиот и нахален Доналд Трамп, кој е или крајно непријатен и груб, или покажува некоја изнасилена блискост кон луѓе за кои очигледно нема многу почит, можеше сѐ да се очекува. Дури и во Пекинг. Некои аналитичари почнаа да бараат тајни знаци и пораки во бојата на вратоврската (жолта), начинот на ракување, седење… Подеднакво се бараа скриени пораки и во начинот на кој беше дочекан на пекиншкиот аеродром (без присуство на домаќинот), но најважното беше она што се случуваше на средбата на двата лидери. Последната посета на Трамп на Кина беше пред речиси 9 години, кога и тој и Кина беа поразлични: тој помлад и поенергичен, посамоуверен, додека Кина во залет, но сѐ уште без раширени крилја. Сега стаса еден истрошен човек, не само поради годините, туку уште повеќе поради сите неуспеси кои ги нанижа за помалку од 1,5 година мандат, свет кој гори, економија која пропаѓа и социјална криза која расте. За тоа време, Кина прескокнала неколку децении во својот развој, и тоа под истиот претседател. Toa што во американската делегација беа собрани дузина од најмоќните олигарси, кои фактички го претставуваат корпоративниот капитал и вистинската моќ на Америка (оние 1%), не ги импресионираше домаќините. Како што дојдоа, така и заминаа – со речиси празни раце и многу впечатоци. Нам ни останува да се надеваме дека некои од мудрите зборови на кинескиот претседател му влегле некому во умот и допреле во рациото.
Она што мене ми остави силен впечаток беше начинот на кој во јавноста беше претставена посетата на Доналд Трамп (сигурно не најомилениот лидер на светот): медиумите беа воздржани, но без ниту еден остар збор. Протоколот подготви специјални видео-спотови кои симболизираа мир, соработка, испратија порака дека постојат повеќе нешта што ги поврзуваат двете земји отколку што ги конфронтираат. Во тој стил, впрочем беа и официјалните говори. Но, Кина сега се покажа како многу посамоуверена и во дипломатска и секоја друга смисла: суптилно, „црвените линии“ беа испратени преку социјалните мрежи, првенствено од кинескиот амбасадор во Вашингтон, кој буквално ги нацрта точките за кои Кина нема намера да разговара, односно кои се дел на нејзиниот суверен простор за кој нема место за разговори, а камо ли за преговори. Од оние други симболични гестови кои можевме да ги видиме, лично најмногу ме трогна посетата на Небесниот храм, односно Холот на молитвата и жетвата. Според кинеските преданија, древните кинески владетели овде одржувале молитвени церемонии за благосостојба на нацијата, среќа на народот и добра жетва, што ја отелотворува традиционалната кинеска етика според која народот е темел на државата и само кога народот живее добар живот, државата може да напредува. Да беше Трамп човек со морал и совест ова ќе го разбереше веднаш или ќе го вознемиреше. Вака, останува да се прашуваме дали во еден дел од неговиот ум му светнала некоја сијаличка, дали се прашал: а дали ние во САД работиме за доброто на народот и дали од неговата благосостојба ја црпиме легитимноста на владеењето? Ова е само реторичко прашање, се разбира. За кинеската страна, ова е суштината, ова е мотото по кое се води КП Кина. Тоа е вградено во најновиот (петнаесетгодишен по ред) петгодишен план.
Во интелектуалните кругови (пре)многу се зборува за делот од здравицата и прашањето на Џинпинг во врска со избегнувањето на т.н. Тукидидова замка. Некои ја сметаат за централна, па дури и за силна порака дека Кина е растечка сила, но нема да дозволи никој да ја попречи во нејзиниот пат, дури ни онаа сила која е моментално на првото место. Интерпретацијата се движи во „хамлетовска“ смисла: ќе соработуваме или ќе се бориме, изборот е на вас. Ние повеќе сакаме соработка за добро на двете нации и заедничката иднина на човештвото. Кој знае? Можеби, кинеското водство сметало дека западен концепт (од Пелопонеските војни, што е елементарно четиво за сите што се бават со меѓународни односи) ќе биде полесно сфатен од некоја античка кинеска мудрост? Тажно и смешно е што можеме да се обложиме дека човекот кому му беше упатена оваа дилема ниту чул за Тукидид, ниту знае нешто за античките војни на полисите Атина и Спарта. Но, за оние кои знаат нешто за државната стратегија на Кина, веднаш стана јасно дека Си Џинпинг не отстапи ни за педа од неговите Стратегии за развој, цивилизации, безбедноста и заедничката иднина на човештвото. Тие имаат стратегија. Имаат лидер, имаат вистинска државна структура која ја спроведува.
Трамп има личен „клуб“ на милијардери, не знае ни што ќе каже утре и колку постови на Truth Social ќе напише за една ноќ. Иднината на човештвото е последната работа што го интересира – од Газа до Либан и Иран.
Средбата беше куса – и сосема неподготвена за решавање на прашања од светско значење, или дури и билатерално. Некои од патниците од САД искрено кажаа дека биле на „разгледување на градот“. Воопшто не беше покажан интерес за систематски средби на бизнисмени, претставници на различните сектори, можност за посериозен и подлабок разговор за идна соработка. Имам чувство дека на крајот на сите им олесна кога овој протокол заврши. Трамп кој дури и делуваше цивилизирано и културно, сега ќе се врати во сопствената кожа. Јагнешката ја симна веднаш во авионот.
Џинпинг веќе се подготвува за средба со Путин, кој е човек кој не само што е начитан (како и неговиот кинески колега), туку и рецитира поезија. И покрај беспрекорниот протокол на кинеската страна, двата претседатели како да се промашија, како да комуницираа од различни временски и интелектуални димензии. Еве, најновите вести се дека смислил ново име за убиствена акција врз Иран. Анализата на официјалните соопштенија на двете министерства за надворешни работи, која ја направија некои вредни луѓе, покажува илустративно дека тие опишуваат две различни средби – не се поклопуваат во ниту една важна линија. Така, нам ни останува да се радуваме дека двајцата лидери се издигнале над сè и покажале дека и во затегната состојба може да се разговара. Се разбира, американските и западните медиуми ќе „копаат“ по разни детали за да најдат недостаток кај кинеската страна, додека кинеските ќе останат на она ниво кое е карактеристично за нив.
Некако случајно токму во пресрет на средбата (која намерно не ја коментирав чекајќи „директен пренос“ од изливите на Truth Social) на Јутјуб ми наиде последното интервју на Тимчо Муцунски за Јуроњуз. Насловот гласеше (спротивно на сета јавна дискусија во севтот) дека „НАТО никогаш не било посилно откако дојде новото американско водство“. Дури и водителот беше вџашен. Но, една од последните мисли на нашиот министер гласеше дека во регионот, вклучително и во Македонија, се шири силно малигно влијание и тоа не само од Русија, туку и од Кина. Јас имав малку недоумица како да го напишам овој текст, но неговата главоболка е поголема: Трамп рече дека Си Џинпинг му е пријател и дека е голем лидер, со кој тој сака да соработува. Пусти Тимчо! Што ли ќе каже сега? Дека малигното влијание стасало и до неговиот Доналд Трамп? Всушност, трагедијата е што нашиве заслепени вождови и не гледаат од каде доаѓа злото.
Билјана Ванковска











