петок, 15 мај 2026

„Дамки“ – изложба на Перо Кованцалиев во македонскиот КИЦ во Софија

Во галерискиот простор на Македонскиот КИЦ во Софија отворена беше самостојната изложба „Дамки“ на македонскиот уметник Перо Кованцалиев, автор кој преку својот препознатлив визуелен јазик и експериментален пристап создава дела со длабока филозофска, општествена и еколошка димензија, што остава силен впечаток со својата концептуална зрелост и автентична визуелна енергија.

Објавено на

часот

Сподели

На отворањето на изложбата се обрати директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето обраќање истакна дека изложбата „Дамки“ претставува исклучително значаен современ уметнички проект што отвора важни прашања за човекот, општеството и светот во кој живееме. Тој нагласи дека делата на Кованцалиев носат силна симболика и ретка визуелна чувствителност, при што уметноста се јавува како простор на критичка мисла, духовна рефлексија и современа културна свест. Кон изложбата се осврна и македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси -Поповска.

Изложбата „Дамки“ е составена од серија цртежи и објекти во кои Кованцалиев развива специфичен ликовен процес заснован врз согорување на текстилен отпад и фиксирање на микро честичките од чадот врз различни површини. Во овие дела материјата не е само средство за изразување, туку таа е носител на самата идеја.

Кованцалиев, непосакуваната и отфрлена материја ја трансформира во визуелно сведоштво за времето во кое живееме. Чадот и трагите од согорувањето стануваат ликовен јазик преку кој авторот говори за потрошувачката култура, за цивилизациската исцрпеност и за невидливите последици што современиот човек ги остава зад себе, така што неговите дела, покажуваат дека, она што исчезнува парадоксално останува највидливо.

Во филозофска смисла, изложбата отвори повеќеслојни прашања за односот помеѓу создавањето и уништувањето, помеѓу материјата и трајноста, помеѓу присуството и исчезнувањето. Делата не функционираа само како естетски композиции, туку како траги од еден процес, записи на согорување, остатоци од нешто што некогаш постоело и сè уште одбива целосно да исчезне.

Особено впечатлив е начинот на кој чадот функционира како автономен визуелен елемент. Во композициите тој создава ритми, сенки и движења што асоцираат на калиграфски записи, психолошки пејзажи или емотивни состојби. Во одредени дела доминираше леснотија и речиси медитативна тишина, додека во други, темните наслаги создаваа чувство на немир, тежина и внатрешна анксиозност. Токму таа постојана тензија помеѓу убавото и вознемирувачкото ја правеше изложбата исклучително силна и емотивно слоевита.

„Дамки“ не понуди директна или декларативна критика на современиот свет, туку преку суптилен и поетски визуелен јазик создаде простор за длабока лична и колективна рефлексија. Наместо да го претставува отпадот како апстрактен проблем, Кованцалиев му овозможи самиот да стане форма, слика и меморија. Со тоа авторот ја урива границата помеѓу материјалот и значењето, создавајќи дела во кои естетиката произлегува токму од трагата на распаѓањето.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ