четврток, 14 мај 2026

„Резолуција на остатоците“ – изложба за негрижата на уметницата Зорица Зафировска

Утре во галеријата „Империјал 1“ во Културно информативниот центар во Скопје ќе се отвори изложбата  „Резолуција на остатоците“ на Зорица Зафировска.

Објавено на

часот

Сподели

Изложбата ги преплетува фрагментите и трагите од градот оставени од неговите жители: пораки, почва, траги од гуми, градежен, дрвен и билен отпад – во тактилна архива што го мапира времето, трудот и еколошките сеќавања. Изложбата содржи пронајдени материјали на различни локации во градот, преточени во инсталации, кои стојат како сведоштво на негрижата. Слоевитите тули, цементните и градежните блокови, искосената трева, исечените дрвја, обојувањето на ткаенини, се траги што сведочат за гентрификацијата, екстракцијата и резултатите на урбаниот живот.

Ткаенините се читаат како палимпсести на градење и распаѓање, обоени од елементите во градот, прегазени од автомобилските гуми или потопени во водите на Вардар,  се своевидни записи на нашето живеење. Како да го поправиме и да учиме од она што го оставаме зад себе?

Работејќи со пронајдени материјали од различни локации во градот, Зафировска го практикува невидливиот труд на грижата, еколошките предизвици и начините на кои заедниците го чествуваат значењето на фрагментите. Интервенциите не само што ги зачувуваат остатоците, тие ги преведуваат во практики на сведочење и колективна имагинација за можна иднина.

„Резолуција на остатоците“ предлага модел на културна екологија, во која уметноста е помалку изолиран гест, туку платформа за граѓанска грижа. Секоја преплетена ветка, зашиена линија или фрагмент станува покана да се забави темпото на експлоатација, да се почитува средината и градот, и да се придонесе кон заедничките дејствија кои би резонирале долго по затворањето на изложбата.

Изложбата „Резолуција на остатоците“ на Зорица Зафировска е дел од „Како се ткаат градови“ овогодинешната тема на Европскиот месец на креативноста која се реализира во месец мај. Во соработка со Културно-информативниот центар, а поддржана од град Скопје, уметницата ја иницираше програмата „Негување на грижливи екосистеми“ која вклучи едукативна и изложбена програма, составена од работилници и изложби, во кои земаа учество ученици и наставници од основното училиште „Страшо Пинџур“.

Куратор на изложбата е Кирил Пенушлиски, координатор Емил Шулајковски, техничка поддршка Миле Брцески и Владо Кутузовски.

Зорица Зафировскa е уметница и културна работничка. Работи на социо-политички теми, како трговија со луѓе, бездомништво, заедништво, конзумеризам и екологија, за кои прави специфични, временско-просторни инсталации, мали акции и активности преку соработки и волонтирање. Силно верува во заедништво и посветува време, љубов и енергија во градење платформи за различни заедници и идеи, додека поддржува и соработува со разни културни организации, институции и фестивали. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и е последипломска кандидатка на истиот факултет, по неуспешните културни студии  на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро Балкан“.  Членка е на Ф.Р.И.К. и селекторка на дел од видео програмата на ФРИК фестивалот. Со-основачка е на Арт И.Н.С.T.И.T.У.T. проектниот простор воден од уметници во 2009 година, и со-основачка на иницијацијата „Моми“ во 2011 година. Од 2013 година е членка на Јадро асоцијација. Во 2014 година е една од добитничките на отворениот повик за млад уметник/ца на галеријата „Агенцијата за сериозни интереси“. Во 2016-та е добитничка на наградата „ДЕНЕС“ на Центарот за современи уметности – Скопје и ФРУ-Факултет за работи што не се учат. Има реализирано преку 15 самостојни изложби, акции и проекти во јавни и неистутиционални простори низ Балканот, Европа и Сад.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ