вторник, 12 мај 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Еколошки театар на понизноста

Во пресрет на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот кој веќе бледнее пред т.н. Ден на Европа, македонската претседателка втора година по ред се појави во улога на еколошка активистка.

Исто како и лани. Минатата година, окружена од НВО активисти и колеги политичари, чистеше кај локалитет во близина на Аквадуктот, кој што сè уште стои запуштен и заборавен. Оваа година таа се појави на централниот плоштад „Македонија“, опремена со огромна кеса за собирање отпад и ракавици, облечена соодветно како за работна акција. Во прв миг не сфатив дека станува збор за многу поширока акција, поддржана од власта. Подоцна ги видов сцените на пратеници, министри и административци, вклучително и сопругата на премиерот, како парадираат низ шеталиштето на кејот на Вардар и на други централни позиции, придружувани од бројно обезбедување (без кеси за отпад и ракавици) и со голем број новинари. Божем собираа отпад…

Мојата реакција на социјалните мрежи беше инстинктивна и остра, но добив „бумеранг одговор“: претседателката, професорка и жена во години, доби необично силна поддршка и изрази на респект (поклонувања до земја, на пример, небаре го вратила името). Дури лично и претседателот на Друштвото на писатели се впушти во одбрана на нејзиниот лик и дело, подучувајќи ме дека таа акција не е понижување, туку покажување понизност пред народот.

Да појаснам веднаш, иако веќе ме обвинија за суетна реакција: во оваа приказна не сум битна јас. Интересен е феноменот на толкав бран на одобрување за политичар(и) што е вистинска реткост во земја во која доминира негативен однос кон политиката генерално, а и рејтингот на претседателката е многу низок. Како и да е, претседателката изгледа ќе остане запомнета по оваа акција (на „очајна домаќинка“ од американската серија?), ако веќе нема по што друго да го памтиме нејзиниот мандат. (Тие што ме следат знаат дека мојата критика конзистентно се однесува кон начинот на кој ја врши функцијата, односно молкот пред владејачката партија, особено во делот на надворешната политика, поддршката за Израел и молкот пред Газа – прашања од нејзина надлежност. Во овој случај, пак, бев повеќе испровоцирана заради тајмингот – предвечерје на 9 Мај, прием кај ЕУ амбасадор и чистење). Нејсе.

Она што речиси никој не го забележа во „Генералка викендот“ беше мизансценот. На пример, на скопскиот плоштад проблемот најмал проблем е расфрлан отпад (впрочем, и претседателката собираше отпушоци). Неговата општа запуштеност создава непријатно чувство: тревникот едвај и да личи на тревник, скршени плочки, урбана деградација, понекогаш и кучиња скитници. Чистењето на кејот на Вардар беше уште поилустративно: собирањето ситен отпад не значи ништо во споредба со загадената река, распаднатите галии, јавниот тоалет под Камениот мост и општата негрижа. Она момче „Градинарот“ што покажува слики од своите акции „пред“ и „после“ има повеќе мотивирачки ефект од група политичари која мисли дека народот во нив гледа инспирација.

Но, овој пат доминантниот наратив тргна во обратна насока: власта се труди, се наведнува, покажува понизност, не се срами да собира отпушоци. Вината е во „менталитетот“ на народот, кој е пасивен, примитивен, несовесен и мрзлив. Ако некој се осмели да каже дека станува збор за народот кој ги избра за власт и дека е ова театар во кој истиот народ е кабаетлија, тогаш проблемот наводно е во суетата на критичарот, а не во претставата на власта.

Вистинската грижа и политичка и еколошка свест не се мерат со наведнувањето кон сметот и бројот на кеси, туку со способноста да се спречи тој смет воопшто да се најде таму (а кога ќе се создаде, како да се рециклира). Македонија е мала држава што не само што тоне во сиромаштија, демографско стареење и институционална ерозија, туку и сè повеќе наликува на депонија. Диви депонии, индустриско загадување, опасен отпад, урбанистички хаос, нерешени еколошки катастрофи – тоа се вистинските прашања. Како да го заборавивме опасниот пожар на објектот за складирање и преработка на електронски отпад во Трубарево од пред само неколку месеци, којшто беше оценет како индустриски екоцид. Политичарите никаде ги нема кога граѓаните со месеци протестираат против индустриските загадувачи. Проблемите со ОХИС, линданот, рудниците на смртта, стратешките договори за експлоатација на ретки минерали што отвораат простор за нова експлоатација и деградација, па и натамошната негрижа и „окупација“ на Охрид од тајкуни – сето тоа останува системски забошотено.

И токму затоа, пи-ар акциите на политичарите не се ништо друго освен перформативен екологизам. Ова е институционализирано лицемерие под маската на зелената агенда: политичарите се појавуваат како симболични спасители, корпорациите како спонзори на „зелената совест“, а главен организатор е опскурна невладина организација со име на англиски (Men&Mountain – што значи „Човекот и планината“, ама како се симнаа до скопскиот плоштад, тоа не знам). Таа е посредник на легитимитет, додека медиумите се тука како продуценти на спектаклот. Во суштина, структурите на моќ (триаголникот на капиталот, политиката и невладиниот сектор) организираат еколошки спектакл за всадување јапонска и европска свест во исто време, но системот останува недопрен, исто како и политиката на неказнивост. Ја сфаќате поврзаноста, нели? Корпорациите ги финансираат политичките партии, тие им враќаат на свој начин со соодветни политики, тие се во „брак“. Невладината структура тука служи како обланда, но е дел на истата владејачка структура.

Кога корпоративни спонзори, политички елити и медиуми заеднички продуцираат јавен спектакл, тогаш не станува збор за еколошка правда, туку за greenwashing. Системска криза се претвора во прашање на индивидуална одговорност: граѓаните стануваат виновници, институциите морални авторитети, загадувачите остануваат во сенка. Наместо строги регулативи, казни за загадувачите, транспарентност, независен мониторинг и системско управување со отпад, јавноста добива спектакл на скромност и понизност.

Претседателката може да говори за филозофијата на „општествениот договор со природата“ (стана малку репететивен и здодевен рефрен, особено за народ кој не ни слушнал за Мишел Сера, а е еони далеку и од општествениот договор на Русо), но ако законите не се спроведуваат нема да имаме чиста природа, реки, езера, градови и села. „Општествениот договор“ е празна фраза ако спонзорите се корпорации што профитираат од систем што толерира или ја уништува животната средина. Кога еколошката акција станува ВИП настан, тогаш таа ја губи својата суштина.

Не е проблем што некој политичар собира отпад. Проблем е кога тоа се користи за создавање илузија на акција, додека вистинските одлуки продолжуваат да ја продлабочуваат кризата. Подобро е да се собере отпад отколку да стои. Но, ако служи за замаглување на вистината, легитимирање на одговорните и демобилизација на граѓанскиот отпор, тогаш таа станува дел од проблемот.

Ако акцијата не го менува односот на моќ, туку само го декорира, тогаш ова е само уште една претстава. Народот, во нормални услови, не треба да биде публика. Ниту „жртвено јагне“ – примитивци зад кои „кремот“ на општеството чисти. Тој треба да биде режисер.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Илија Димовски

МПЦ-ОА не е филијала на туѓа историја

Братислав Димитров

Најважната ноќ

Билјана Ванковска

Встанем (ќе станам)

Aмер Капетановиќ

Денот на Европа: Од ветување до пракса

Ристо Цицонков

Енергијата од обновливи извори сега е поевтина од фосилните горива

Универзитетот како архитект на вредносното општество

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ